Пред точно еден месец министерот за политички систем и прв заменик премиер, Артан Груби, најави дека т.н. рамковнo вработени, конечно, ќе почнат и да работат. Станува збор за 1 349 административни службеници во Министерството за политички систем кои не одеа на работа бидејќи немаа каде, а земаа државна плата.
„Јас сум убеден дека до крајот на следната недела ќе завршиме со актите за упатување и дека луѓето ќе започнат со работа веќе до крајот на јануари“,
кажа тој.

И навистина, Груби им подели акти за упатување на административците во други институции, согласно претходно договорениот владин план.
Но, дали по трансферот и навистина почнаа да работат?
Управата за водење на матичните книги е орган во состав на Министерството за правда. Според буџетот за 2021 година, во институцијата работат 501 лице. Со трансферот на вработени од Министерството за политички систем, Управата доби 38 нови кадри, што е зголемување на работната сила за околу 7,5 %.
Но, спротивно на најавите, тие сѐ уште не почнале со работа.
„Заради потребите на нивното преминување во Управата, бидејќи тие места за коишто тие доаѓаат се веќе пополнети од сегашни вработени, се прави дополнување на систематизацијата. Се отвораат нови работни места, како впрочем што тоа се случува во секоја институција. И токму поради тоа, како што кажав на почетокот, ние го пративме актот за систематизација во Министерство за информатичко општество“,
вели Јасна Пецевска-Талевски, раководителка на Одделението за управни работи при Управата за водење на матичните книги.

Ова значи дека сѐ додека не добијат одобрена систематизација, од Управата не можат да потпишат договори со новите кадри за тие да почнат на работат.
Прашавме и во други институции, но од секаде стигна ист одговор – новите кадри не работат.
„Постапката за измена на систематизацијата во Агенцијата за катастар е завршена и предадена на одобрување во МИОА“,
ни одговорија од Катастар.
„Процесот е започнат, со тоа што вработените првично ќе треба да ги потпишат новите договори за трансфер во рамки на МПОЗ. По завршената постапка, во рамки на институциите кај кои се распределуваат вработените, ќе бидат спроведени соодветни постапки – безбедносни и здравствени проверки, како и обуки како и за секој нововработен, за да можат соодветно да ја извршуваат својата работна задача“,
велат од МВР.
Од институциите во кои се обративме, само од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ни рекоа дека немаат проблеми со систематизацијата за новите кадри да почнат со работа. Тоа не значи и дека почнале со работа.
„За среќа, Министерството за земјоделство има регионални единици во сите градови и верувам дека, иако во некои региони може да има вишок од бројот што е потребен и треба да се обезбеди дополнителен простор, како што се некои поголеми општини, ние како Министерство имаме во план оваа година да отвориме и други регионални единици во руралните општини, особено оние со над 15 000 жители, кои дефинитивно треба, бидејќи се општини кои се занимаваат со земјоделство и влијаат на земјоделскиот сектор. И верувам дека, во рамките на овој процес, успешно ќе бидат префрлени на места кои им се најблиску до местата на живеење“,
вели Арјанит Хоџа, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според најавите, институциите во кои се префрлија кадрите од Министерството за политички систем имаа 30 дена да направат нови систематизации од моментот на усвојување на програмата за трансфер. Министерството за информатичко општество потоа имаше 7 дена за да ги одобри новите систематизации. Тоа го објасни и Артан Груби кога го објави трансферот, и покрај тоа што потоа кажа дека трансферираните административци ќе почнат со работа до крајот на јануари.
Зошто луѓето не одат на работа иако изминаа тие 30 плус 7 дена, прашавме во Министерството за информатичко општество. Од ресорот на Јетон Шаќири го добивме овој одговор.
„Најголем дел од институциите кои требаше да достават измени и дополнувања на систематизациите ги имаат доставено и за истите имаат добиено одговор од МИОА. Процесот се одвива нормално и без задоцнувања.“
За фактот дека лицата што добија трансфер сѐ уште не почнале да работат, иако сите инволвирани во процесот, велат дека ја завршиле работата, се обидовме да добиеме став и од првиот заменик-премиер Артан Груби. Но, одговор не добиеме.
Од институциите до кои се обративме, само од Царинската управа изјавија дека новите кадри ќе почнат со работа, и тоа од денеска.
„Постапката за преземање на административни службеници од Министерство за политички систем во Царинска управа е завршена. Тие ќе почнат со работа од 1.3.2021 година.“
Останатите вработени од Министерството за политички систем ќе почекаат, уште малку.