Според најавите на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Универзалната сала во Скопје треба да биде реконструирана и ставена во функција во текот на оваа година
Реконструкција на Универзалната сала на постојното место, со зачувување на истиот габарит и автентичниот изглед – ова е планот за реновирањето на салата, за што се издвоени 120 милиони денари од централниот буџет. Според најавите од градските власти, градежните работи треба да започнат во мај годинава.

Изведбениот проект за реконструкција е изработен од проектантското биро „Мегарон инженеринг“, а ќе му биде даден на Градот како донација, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Архитектот Бујар Муча на денешната презентација објасни дека проектот го поделиле на две фази – едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе предложат решение за функционалноста на објектот, односно реконструкцијата и реорганизацијата на внатрешниот простор.



„Се задржува постоечката форма, се прави внатрешна реорганизација на просторот. Се поставуваат нови материјали во фасадата, поради енергетската ефикасност. Со мали корекции во постоечката конструкција ќе се зголеми и противпожарната заштита. Целата конструкција надолу е челик, тој е дотраен, ќе направиме некои корекции и во конструкцијата, не нарушувајќи го обликот на објектот, но мора да се внимава и на противпожарна заштита“,
рече Муча.


Ќе се прави реорганизација на просторот во делот на фоајето, тоалетите, просториите за вработените, терасите…
„Го отвораме најранливото прашање, а тоа немањето фоаје, ги префрламе санитариите, ги правиме редовите покомотни, ги зачувуваме гремиорните и правиме реорганизација на просториите за вработените. Го задржуваме и објектот во рамки на постојниот габарит. Духот на Универзална сала е сочуван, промените се од аспект на промена на материјали, промена на некои проблематични делови, како на пример, зголемување на стреата напред кога се чека за влез и слично“,
рече Муча.
Капацитет до 1 200 седишта
Во рамки на реконструкцијата на Универзалната сала ќе се намали капацитетот на седиштата, кои како што рече Муча, отсекогаш биле проблем.


„Знаеме сите коишто сме биле таму дека тоа е проблем со седиштата. Го намалуваме бројот на седишта, ги правиме редовите покомотни. Ќе направиме сала која ќе блесне во истиот сјај “,
рече Муча.

Градоначалникот Шилегов рече дека според првичните планови капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта.
На прашањето за тоа како би се решила потребата од паркинг за возилата, Шилегов ја посочи катната гаража зад Универзалната сала, но рече дека самата локација и најавените инвестиции во јавниот превоз ќе го олеснат пристапот до оваа институција.

„Катната гаража ќе задоволува дел од потребите, очекувам дека кога ќе почне и новиот современ јавен превоз многумина од скопјани ќе го користат тој начин за доаѓање до оваа културна институција. За мене приоритетно беше бидејќи го слушнав повикот на граѓаните да остане универзална со тој габарит и облик, мислам дека помалку ќе биде проблематично доаѓањето на граѓаните, бидејќи постојат повеќе алтернативни начини како да се дојде до овој објект и самата локацијата е блиску до која било друга локација во центарот на градот
рече Шилегов.
Градот не се откажува од изградба на нова сала
Според најавите од скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Универзалната сала во Скопје треба да биде реконструирана и ставена во функција во текот на оваа година.
Но, како што рече Шилегов, тоа не значи дека Градот се откажува од идејата за изградба на нова концертна сала.
„Идејата Универзална сала да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Ова не значи дека се откажуваме од идејата за нова концертна сала во Скопје, но нашиот приоритет е да ја отвориме Универзална во нејзиниот полн капацитет уште во текот на оваа година“,
порача Шилегов.
Прашањето за иднината на Универзалната сала беше актуелно изминативе месеци, откако конкурсот што го распиша градската администрација за поставување отворена летна сцена на оваа локација ја отвори можноста за уривање на еден од најпрепознатливите објекти за културниот и забавен живот во главниот град, кој е под клуч во последните пет години.
Шилегов тогаш рече дека има три опции: изградба на нова Универзална сала на постојната локација, изградба на нова сала на нова локација, и реставрација на постојниот објект и изградба на нова сала на нова локација.
Градоначалникот посочи дека лично се залага за третата опција, која според првичните проценки би чинела 20 милиони евра, пари што би се обезбедиле од централниот буџет.