Наместо независни тела за контрола на пазарот и заштита на интересите на граѓаните, регулаторите најчесто се само вносно прибежиште за партиски кадри. Просечната плата кај некои од нив е неколку пати поголема од просечната на државно ниво, а делокругот на работа не им е до крај дефиниран
Експерти сметаат дека од нив речиси и да нема бенефит за граѓаните, а нивната партизираност, како жив песок ја вовлекува државата во опасност од институционално пропаѓање
Заштитата на интересите на граѓаните, формално, е главна цел на сите регулаторни тела во земјава. Постојат десетина регулатори за сфери како електронските комуникации, железничкиот сектор, радиодифузијата, енергетиката, воздухопловството, домувањето…
Но, дел од нив им се потполно непознати на граѓаните на кои треба да им служат, а има и такви кои се формирани да обезбедат транспарентност и фер услови за работа на сите учесници на пазарот, а таков пазар нема, бидејќи во сферата што ја регулираат има монопол.
Што работат Агенција за регулирање на железничкиот сектор и Агенцијата за пошти?

Прва во очи паѓа Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор. Таа е основана пред околу една деценија со задача, како што кажува и самото име, да ги дефинира правилата на игра меѓу конкурентските транспортни компании на пазарот на железнички услуги, но во услови кога тој е либерализиран.
Но, тој процес на либерализацијата застана до вертикалното раздвојување на ЈП „МЖ Инфраструктура – Скопје“ и „МЖ Транспорт АД – Скопје“. Па, практично, и натаму во земјава има само еден оператор во железничкиот сообраќај, а тоа значи дека Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, всушност, и нема што да работи. Тоа беше и една од критиките во последниот извештај на Европската комисија, во кој е посочено дека земјата е умерено подготвена во областа транспорт и дека потребно е да се спроведат реформи во железницата и да се отвори пазарот.
Кога би се либерализирал пазарот, главна улога на Агенцијата е да се грижи за недискриминаторски однос на управителот на „Инфраструктура“ кон сите транспортни компании. Но, што работи Агенцијата во меѓувреме?
Во моментов во неа има еден директор и двајца вработени. На прашањето на „360 степени“ за тоа што тие сработиле во минатата година на пример, од Агенцијата велат дека главен ангажман им била соработка со регулаторните тела од ЕУ и спроведувањето анкети на патниците во возовите.
„Агенцијата секоја година спроведува анкетирање на задоволството на патниците од услугите на превозникот Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје. Резултатите од анкетата се составен дел од Годишниот извештај на Агенцијата кој се доставува до Собранието на Република Македонија. Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор како рамноправен член на работната група на регулаторните тела на Европската Унија од областа на железниците, во текот на 2020 година продолжи активно да учествува во работа на работната група на регулаторните тела за железница во рамките на Европската комисија со цел што подобра реализација на своите активности во насока на интегрирање на железницaта во системот на европските железници“,
се вели во одговорот од Агенцијата.
Постоењето на вакво тело е обврска на државата ако треба да се следат европските практики, но според експертите, факт е дека работата на Агенцијата е ставена во сенка и нема значајна улога.
Според нив, Агенцијата во таква ситуација, би можела барем да се посвети на некои активности со кои секторот „на хартија“ би се приближил до европските стандарди.
„Можеби би можело ако ништо друго, Агенцијата да ги преземе сите правилници, законски акти и да се вклучи во нивна подготовка, бидејќи кај нас тие правилници треба час поскоро да се ажурираат. Останати се југословенски стандарди, кои не се лоши, но има доста новини кои доаѓаат со тек на време, а за кои немаме подзаконски акти кои ќе ги регулираат железниците. Денес има нови стандарди и во регулативите на ЕУ и мислам дека Агенцијата и компаниите треба да се вклучат во подготовка на тие подзаконски акти за усогласување со европските стандарди“,
вели универзитетскиот професор Зоран Кракутовски од Градежен факултет-Скопје.

Сличен е случајот и со Агенцијата за пошти. Моменталната состојба на пазарот од аспект на понудата е 40 приватни даватели на поштенски услуги. Од нив, лиценца од највисок ранг единствено поседува „АД Пошта на Северна Македонија – Скопје“, која е национален оператор и, всушност, има монополска положба на пазарот со оглед дека единствено тие се задолжени да ја обезбедуваат универзалната услуга на територијата на цела Македонија.
Од Агенцијата велат дека вршат надзор на работењето на националниот оператор, даваат дозволи за работа на даватели на поштенски услуги и ги штитат правата на граѓаните преку постапки поведени од корисниците кои се незадоволни од услугите или работата на поштенските оператори.
„Минатата година беше особено интересна за анализа со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата, која ја истакна во преден план важноста на физичката достава во услови на затворање и изолација на граѓаните и бизнисите. Интерес за влез на пазарот покажаа повеќе од 10 старт ап компании, а Агенцијата за пошти издаде дозволи за работа на 6 од нив. Во исто време и покрај здравствените ризици, нашите вработени вршеа теренски контроли кај 36 даватели на поштенски услуги, при што им се укажуваше на недоследностите со цел поефикасно да даваат поштенски услуги. Притоа, спречени се двајца „ диви“ доставувачи, а други две правни лица кои организирано вршеа поштенски услуги од Агенцијата „заработија“ прекршочни пријави до надлежен суд. Кога сме кај инспекцискиот надзор да споменеме дека минатата 2020 година, овластените лица за надзор направија надзор врз работењето и на АД Пошта на Северна Македонија, при кој што е констатиран прекршок и за правното лице и за одговорното лице“,
велат од Агенцијата за пошти.
Регулаторите со поголеми плати од претседателот, премиерот и од собранискиот спикер
Платите што ги добиваат вработените во овие регулаторни тела, пак, се поголеми од платите на административците и од просечната плата во државата.
Анализата на Фондација за демократија на Вестминстер објавена пред околу две години покажува дека најголеми се платите во Регулаторната комисија за домување. Таму, просечната плата изнесувала фантастични 90 215 илјади денари, додека втора на листата е веќе споменатата Агенција за регулирање на железничкиот сектор со 71 242 денари. Споредбено, најниската просечна нето плата во регулаторните тела е 39 000 денари и тоа е просечната нето плата во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор сметаат дека не отстапуваат од просекот во сферата на делување.
„Платите во Агенцијата на директорот и на вработените во Агенцијата се на исто ниво со платите на ниво на стручни квалификации со платите на двете компании од железничкиот сектор“,
велат од Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.
Од Агенцијата за пошти, пак, ја „правдаат“ висината на платите со европските пракси и тенденцијата за обезбедување поголема независност.
„Висината на платите на вработените во Агенцијата за пошти е во согласност со праксата во нашата земја, како и во Европската Унија, во која независните регулаторни тела имаат примања чија висина има за цел да се обезбеди и осигура независноста и самостојноста во работењето и донесувањето на одлуки, ослободени од било какви политички или влијанија на други државни органи и правни лица кои се предмет на регулација“,
велат од Агенцијата за пошти.
Независни тела ама со партиски кадри
Но, колку граѓаните имаат бенефит од постоењето на регулаторите? Според универзитетскиот професор Борче Давитковски од Правниот фактултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, државата е „мераклија“ да создава органи, но ефектите од нивното постоење, вели, не секогаш ги чувствува потрошувачот.
„Преземаме некои обврски од ЕУ за приватизацијата, на пример, оние што беа „златни кокошки“ како Телеком, ЕСМ ги приватизиравме, но не и загубарите како што е железницата на пример. Кај нас никој не одговора за работата во органот во којшто е назначен и затоа до ова дереџе сме дојдени. „Важно“ регулаторно тело имаме“,
вели Давидковски.
Тој посочува дека од една добра идеја за следење на европската практика, кај нас регулаторните тела и натаму остануваат во функција на државата или во функција на монополите на пазарот.

„Дури и Законот за општа управна постапка којшто веќе трета, четвра година е во сила, каде граѓаните може да поднесуваат приговори против квалитетот на услугите на компаниите како на на пример, топлификација, телефонски оператори, електрична енергија итн, дури и тој сегмент иако со закон е предвидено, регулаторите не го имплементираа. Така што граѓаните и таа можност мошне скромно можат да ја остваруваат и да бараат заштита на нивните права. Ако не сме задоволни на пример од мобилните оператори итн., можеме преку регулаторот да поднесеме приговор, регулаторот треба да реагира кон оној оператор којшто ја пружа таа услуга, и ако граѓанинот не е задоволен од решението на регулаторот, тогаш има право да оди на управен спор. Јас се уште немам слушнато за таква постапка за заштита на своите права поради квалитетот на услугите“,
вели Давитковски.
Јавно достапните податоци покажуваат дека регулаторните тела најчесто се раководени од партиски кадри. На пример, во најплатената, Регулаторната комисија за домување од петте члена, двајца се поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Китаноски и Катерина Димеска, а третиот е менаџерката по туризам Љубинка Корабоска, која по предлог на оваа партија беше член на ДКСК.
„Независноста“ на Агенцијата за пошти ја брани претседателката на Форумот на жени на ЛДП, Билјана Аврамовска – Ѓореска, а во „важната“ Агенција за регулирање на железничкиот сектор, таа задача ја има социјалдемократот Боре Еркечев, кој беше советник од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје, а потоа и директор на Државниот градежен инспекторат.
Слична е состојбата и во останатите попознати агенции и независни регулаторни тела, како онаа за Енергетика и водни услуги, (Марко Бислимовски од СДСМ) или Агенцијата за електронски комуникации (Јетон Акику од ДУИ).
Според професор Давитковски, ваквите тела, по дефиниција, треба да се независни. Но, наместо стручни експерти, тие стануваат вносно прибежиште за партиски кадри.
„За жал наместо да се бираат по транспарентна постапка се уште се бираат по партиска линија. Секоја власт во Собранието си бира нови регулатори, нови членови и тоа си остана. Тоа не е идејата, идејата е да бидат избрани на конкурс, да се независни луѓе кои навистина ќе ги штитат интересите на корисниците. За жал ние како граѓани секојпат сме на „опашката“. Од регулаторите нема никаков бенефит, јас дури и би ги укинал. Ама тоа е сепак европски стандард, па мора да го следиме. Ама на овој начин прават само трошок, а граѓаните немаат бенефит “,
вели Давидковски.
Дека политиката е проблем, смета и професорот Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет во Скопје.

„За да биде некој дел од овие регулаторни тела мора да се знае кој може да конкурира за тоа место. Не е важно дали зборуваме за АВМУ, Агенција за електронски комуникации, пошти или било што. Ние имаме радикално лоши решенија во управувањето со јавниот сектор, зашто имаме деловна и општествена култура која упатува на тоа дека јавниот сектор, агенциите, се последната небранета зона, недефиинирана сопственост, каде можат да наидат ухлебие и партиски „војници“. На овој начин директно одиме во една опасна зона на институционално пропаѓање која е жив песок што ја повлекува државата“,
вели Кекеновски.
Тој посочува дека мора да има строги критериуми за вработените во овие регулатори, бидејќи без тоа, вели, настанува институционален хаос, во кој граѓаните ја губат довербата во институциите.
„Неопходна е одговорност на локално ниво и одговорност на стручно, експерстко ниво. Само кај нас, без стручно искуство може да водиш институција, без разлика на секторот. Не е важно во кој сектор, но зад тоа мора да стои стручност, искуство, резултати дури и лиценца и испипти, за да се одбрани таа стручност“,
вели Кекеновски.