Влатко Мијалков ја напушти полициската станица Пролет и не сакаше да даде коментар во врска со бегството на неговиот брат, Сашо Мијалков, јави ТВ21.
Во меѓувреме, според телевизијата завршен е распитот и за останатите роднини и блиски соработници на Мијалков.
Поранешниот шеф на УБК се бара од вчера, но засега потрагата по него е неуспешна за органите на прогонот. Бегството на Мијалков се случува во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ закажано за 26 февруари, каде што тој е обвинет за три кривични дела: за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.
Министерството за внатрешни работи попладнево, во делот на потраги дополни дека за Мијалков е издадена меѓународна потерница.
