Фабриките, индустријата кај којашто нема потреба од континуитет на процесот, трговската мрежа, текстилните фабрики – нема да работат во недела, вели во интервју за „360 степени“ министерката за труд и социјалната политика Јагода Шахпаска. За оние што мора да работат и во недела, покрај дневницата, ќе добијат и надомест согласно колективните договори. Законот ќе почне да се применува откако ќе заврши пандемијата на ковид-19
360°: Министерке, Владата Ве задолжи уште во ноември, во рок од 15 дена, да доставите предлог-законско решение за недела да биде неработен ден. Зошто уште не е готов нацрт-законот?
Ние како Министерство за труд и социјална политика и надлежни за подготовка на ова законско решение, веднаш после одлуката на Владата на почетокот на ноември, навистина почнавме координативен процес и со колегите од различните министерства за тоа што треба да опфати ова законско решение, кој треба да биде вклучен или исклучен, на кој начин треба да се подготви. Меѓутоа, започна една сериозна дебата во општеството во која се вклучени сите на коишто ова законско решение на некој начин се однесува или ги допира по некој од моментите во којшто треба да бидат дефинирани. Така што, дебатата која ги вклучи синдикатите, членовите на Економско-социјалниот совет, понатаму, дополнително бизнис-заедницата претставена преку Сојузот на стопански комори, преку Стопанската комора на РСМ, една широка дебата со анализи за тоа кои треба да бидат дејностите коишто мора да бидат исклучок за да работат во недела, со една и единствена цел да се овозможи непречено функционирање на општеството. Сепак, виталните процеси мора да течат во општеството.
360°: А до кога очекувате да трае дебатата?
Па, ние веќе на некој начин го финишираме драфтот на законот. Мислам дека горе-долу контурите на законот веќе се дефинирани, после уште една дополнителна анализа, која ја правиме деновиве, би требало законот да го објавиме на ЕНЕР, такви се нашите планови, и повторно да има реакции од јавноста за тоа какво треба да биде ова драфт-решение. Така што, мислам дека за многу скоро ќе го финишираме како предлог-закон.
360°: Имате ли притисоци од бизнис-секторот? Бидејќи и досега се сметаше дека недела е формално неработен ден, меѓутоа, сепак, некои работеа
Јас не би го дефинирала тоа како притисок. Ние ја отворивме дебатата, разговараме и сите аргументи се ставени на маса, „за“ и „против“, и многу е легитимно кога ова прашање го поставите на таков начин. Знаете, кога ние ќе го постигнеме консензусот во процесот на договарање во кој било формат, мислам дека е многу добра и многу здрава таа дебата да се случува, така што, не го доживуваме тоа како притисок, туку како многу легитимна, многу конструктивна дебата за тоа дали и кој треба да се исклучоците. Сепак, одлуката е дека ние ќе го испочитуваме она што е барање на работниците и, знаете, кога вие генерирате задоволство на повеќе од две третини од дејностите во државата, ако направите анализа дека 500-600 илјади работници ќе бидат задоволни од ова законско решение, мислам дека како влада сте испорачале една сериозна работа.

360° Кои дејности/професии ќе бидат ослободени од работа во недела, а досега работеле?
Сите фабрики, индустријата, кај којашто нема потреба од континуитет на техничко-технолошкиот процес нема да работат во недела, трговската мрежа нема да работи, текстилните фабрики нема да работат. Тоа е она што во најголем дел го сочинува, можеби вака изгледаат три области, меѓутоа тоа опфаќа најголем дел од работниците во општеството. Ќе работат само оние што се неопходни да работат за непречено функционирање на процесите во државата.
360°: За оние што сепак ќе работат во недела, ќе следува и ден за одмор. Дали утврдивте кој ден точно ќе им биде слободен?
На Економско-социјалниот совет ја отворивме токму оваа дебата и тоа треба да биде процес на договарање преку организација на работодавачи и синдикатите да се усогласат, кој би бил најповолниот ден. Тие приоѓаат на дефинирање на денот којшто ќе го користат како ден за одмор после работењето во недела, синдикатите имаат едни ставови, тоа да биде денот пред недела или после недела, меѓутоа работодавачите имаат сосема други ставови за тоа дека треба да биде искористен во наредната седмица. До нас стигна и барање од Синдикатот на клинички центар, оттаму излегоа со став дека слободниот ден не мора да се користи веднаш во понеделник, затоа што процесот, организацијата на работата во здравството, а верувам и во други дејности е така направена што не може веднаш да се користи денот за одмор, туку во текот на наредните седум дена. Така што, има простор, го оставивме ова прашање да го додефинираат заедно работодавачи и синдикати, секако на крајот ќе донесеме одлука која би значела најдобар компромис меѓу барањата на едната и на другата страна.

360°: Дали е утврдено колкав надомест ќе добијат оние што мора да работат во недела? На пример, Конфедерацијата на синдикатите реагираше дека ако нема за 50 отсто поголема дневница, мерката ќе биде чист популизам
Видете, воведуваме надомест за работа во недела, што е различно од надомест во ден на неделен одмор. Овие работници којшто се во делот на исклучоците што мора да работат заради непречено течење на процесите, тие ќе добијат надомест за работа во недела. Висината на овој надомест е дефинирана како надомест дефиниран во колективен договор или закон. Ова треба да биде предмет на колективно договарање. Во Општиот колективен договор за вработени во приватниот сектор јасно е дефинирано дека тој износ е 50 проценти од дневницата, што значи ќе добијат дневница и дополнително 50 проценти за тие што се во исклучоците што ќе работат во недела, а доаѓаат од приватниот сектор. За останатите е решено поинаку, за вработените во јавниот сектор, во здравството е решено со нивниот lex specialis, Законот за здравствена заштита, Колективниот договор за вработените во Министерството за внатрешни работи, УПОЗ итн., значи секаде си има колективни договори во коишто точно е дефиниран надоместокот.
360°: Имаше реакции и дека не сме до тој степен развиена земја за да можеме да си дозволиме недела да е неработен ден, како и дека секоја потрошувачка е добредојдена. Како го коментирате ова?
Ние кога го подготвувавме ова законско решение секако дека направивме анализа и компарација меѓу она што претставува неработењето во недела во западноевропските земји, меѓутоа и во земјите со коишто во едно време бевме во една иста држава. Ова законско решение постои во Словенија, ќе кажете дека е членка на Европската Унија, да, меѓутоа, постои и во Црна Гора, која не е членка на ЕУ, и тие го имплементирале ова решение. Ние не цениме дека ова ќе има негативни последици, затоа што се договараме во сите овие формати дека законското решение ќе почне со имплементација после завршување на пандемијата, свесни за предизвиците што пандемијата на ковид-19 ги наметна, не само од здравствен туку и од економски аспект.
360°: Кога очекувате да се изгласаат измените и дали ја имате поддршката од сите владејачки партии, со оглед на тесното мнозинство во Собранието?
Јас не би се грижела околу тоа како ќе помине процедурата, затоа што ова е законско решение коешто оди со просто мнозинство за изгласување, штом се договориме, секако ова е дел од владината програма и јас немам дилема дека ова ќе помине внатре како процес на договарање во коалицијата. Примената на законското решение ќе биде од моментот кога ќе заврши пандемијата. Ние, начелно, сме ставиле како работен датум за почеток на имплементација некаде први септември, што ни дава простор оваа дебата да ја завршиме баш темелно, како што треба, со сите аспекти, за да не испуштиме нешто.