Две и пол години не се долг временски период, но на динамичната домашна јавна сцена јуни 2017 година изгледа како далечна историја.
Така, веќе се подзаборавени медиумските извештаи од 29 јуни 2017 година, како оној на Радио Слободна Европа дека „17 обвиненија за 18 предмети ќе бидат поднесени против 94 луѓе и седум правни лица“.
Или изјавата на специјалната обвинителка Катица Јанева на тој ден:
„Ние сепак успеавме до денес да ги поднесеме сите обвиненија за кои сметавме дека се обезбедени цврсти докази“,
изјави Катица Јанева на 29.6.2017 година.
Веднаш по таа прес-конференцијата, СЈО ги достави обвинителните акти во кривичниот суд со што започна судската процедура за поголемиот дел од предметите на СЈО.

Реакцијата на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше:
„ВМРО-ДПМНЕ е нападната. Како никогаш досега во историјата на Република Македонија, па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници“,
изјави Никола Груевски доцна вечерта на 29.6.2017 година.
Паралелно, пред Кривичниот суд во Скопје, „ТВ Нова“ известува за протести против СЈО.
„Токму поради тие причини, верувам гледачите можат да забележат има сè поголема и поголема група луѓе кои протестираат против одлуките на СЈО за кое велат дека е партизирано и дека СЈО работи по партиски…“
ќе извести „ТВ Нова“ од пред Кривичниот суд во Скопје.
Две и пол години по овие настани, прашањето е чие сонце на правдата изгрева во зората на 2020 година?
Бродот „Титаник“ е потонат, но судскиот предмет „Титаник“ засега „мирно плови“

„Титаник“ е името на своевремено најголемиот брод на светот чие прво патување заврши со несреќа и околу 1.500 човечки жртви. Иако симболиката може само да се нагаѓа, „Титаник“ е името и на своевремено првата и најголема истрага на СЈО.
За тој предмет СЈО побара притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговите најблиски соработници кои не беа одобрени.

Од моментот на поднесување на обвинението, на судот ќе му бидат потребни цели седум месеци за да одлучи што понатаму со предметот.
Од моментот на прифаќањето на обвинението, во јануари 2018 година до денеска, закажани се 68 рочишта за предметот „Титаник“. Но, на секои 10 што требало се одржувале само по 6, додека 4 биле одложувани.
За време на процесот:
Првоосомничениот Никола Груевски побегна од земјата по правосилната пресуда во друг случај – „Тенк“. Додека му се суди во отсуство, неговиот лик се врати во Скопје од Будимпешта на корица на книга, која ја издаде во бегство.

Во предметот „Тенк“ правосилно осудена беше и обвинетата во „Титаник“, Гордана Јанкуловска. За празниците таа сепак уживаше со семејството бидејќи доби одложување на издржувањето казна затвор.
По бегството на Груевски, во ноември 2018 година, постоеше можност СЈО да побара притвори и за други обвинети во „Титаник“, како пратеникот Илија Димовски.
Прашан од новинарите во тој момент дали очекува притвор, одбегна да коментира.
Денес тој зборува послободно, особено од собраниската говорница.
„Оваа влада што вие ќе ја предводите е истата влада на Зоран Заев… со рекордно најголем буџет, со рекордно најмал број резултати и со рекордно најголем број афери и скандали“,
ќе изјави Илија Димовски при изборот на техничката влада на 3.1.2020 година.
Бегството на Груевски не го однесе Димовски во притвор, но тоа беше „кобно“ за ексминистерот Миле Јанакиески и за ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.
По месец и половина, Божиновски беше пуштен во домашен притвор, но за Јанакиески тоа значеше почеток на серија влегувања и излегувања од затворот во Шуто Оризари.
Сумирано, сепак, ниту еден обвинет во „Титаник“ во моментов не е во затворски притвор ниту, пак, издржува казна затвор за случај на СЈО.
„Титаник“ како парадигма за поголем дел од предметите на СЈО
Секој бран, односно секое рочиште, педантно го брои и мери Коалицијата „Сите за правично судење“. Тоа што го гледаат и слушаат во судница редовно го објавуваат и на интернет-страницата „Судско досие“.
Според нивната база на податоци, Специјалното јавно обвинителство досега покрена 20 предмети по сопствена иницијатива до крајниот рок 30 јуни 2017 година, а застапува и уште 4 предмети преземени во фаза на судење од редовното обвинителство. Со двете обвиненија по крајниот рок, „Талир“ и „Талир 2“, СЈО застапува или застапуваше вкупно 26 предмети пред судовите.
Ако се изземат издвоените постапки, од тие 26 предмети, 19 сè уште се во фаза на судење. За 3 предмети има првостепена пресуда, но се чека на пресуда од Апелацискиот суд. Правосилна пресуда има само за 4 случаи – „Тенк“, „Тифани“ и „Труст“ и „Тврдина 2“.

Зошто е таков резултатот? Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“ има свои аргументирани претпоставки, основани врз пресметките од рочиштата што ги следат.
Болната вистина е дека дури 13 од вкупно 26 предмети барем еднаш се вратиле од почеток, и тоа најчесто затоа што изминале 90 или по стариот Закон за кривична постапка 60 дена, меѓу две одржани судски рочишта.
„Менаџирањето на постапките од страна на судот е она што е клучно во насока на превенирањето на можноста да се одлагаат овие расправи. Значи, ако антиципираме дека одреден поротник ќе оди во пензија или дека судењето ќе трае предолго, па има шанси некој од поротниците да отсуствува, имаше добра пракса во неколку предмети, сега е таа пракса применета во предметот ‘Рекет’, во ‘Тарифа’, беше и во ‘Титаник’, имаат судиите обезбедено дополнителни поротници, токму да се избегне ваква ситуација, ако еден отсуствува да може друг да дојде на негово место, за да се избегне почнување на постапката од ново“,
вели за „360 степени“ Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Сепак, статистиката на Коалицијата „Сите за правично судење“ покажува дека околу половина од одложените рочиштата се должат на одбраната, најчесто затоа што не дошол обвинет, адвокат или, пак, тие имале барање до судот.
Петровска не се согласува со тврда формулација дека судот им дозволувал премногу на обвинетите и адвокатите. Со избрани зборови, сепак, се согласува со дел од заклучокот.
„Не можам ниту да го изоставам моментот дека во овие предмети кои се повисоко профилирани и медиумски експонирани, судиите се обидуваа да го прикажат тој момент на еднаквост на странките во постапката, многу повеќе да го потенцираат и некогаш за да не ја загрозат постапката во некоја насока, да овозможат некои дејствија, да ги преџвакаат некои дејствија на бранителите во самите постапки“,
вели Петровска.
Кога се во прашање одложувањата на постапките поради одбраната, за Петровска е видливо дека обвинетите во случаите на СЈО почесто се разболуваат споредено со оние во други предмети.
„Моментот на одлагање на расправите, кога одбраната е во прашање, најчесто се покрива со отсуства поради здравствена состојба, обезбедување на медицински документација, што во друга насока можеби отвора други прашања, колку е тоа соодветно и легитимен начин, дали тоа треба да е понатаму некоја предмет на проверка бидејќи сè почесто се случува… Одбраната сметам дека на моменти кога ќе наиде на можност при крајот на извесноста на одлагање на расправите и мислам дека ја искористува во максимален капацитет таа можност за одлагање“,
додава Натали Петровска.
Користејќи ги податоците на коалицијата, и самите направивме дополнителни пресметки. На пример, кои судења се процентуално најодложувани.

Од предметите со барем 10 закажани рочишта, на топ 5 листата се:
- Талир, за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, одложени се 100% од 12 закажани рочишта;
- Тотал, за затајување данок против новинарот Драган Павловиќ Латас, одложени се 75% од рочиштата;
- Тендери, против ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, 50% одложени од вкупно 26 рочишта;
- Тврдина 2, против началникот Горан Грујоски и шест негови колеги од УБК, 47% одложувања;
- За петтото место конкурираат неколку предмети со околу 40% одложени рочишта:
- Титаник 3, против Исмет Гури и пратеникот на ДУИ Ејуп Алими;
- Насилство во општина Центар;
- ТНТ, за рушењето на „Космос“;
- Титаник, за незаконско влијание врз изборите и правото на глас.
Џолев: Само мал дел од одложувањата се „по вина“ на судот
За бројките, од судот прво реагираа дека тие биле по видување на набљудувачите, а не по судски записник. Затоа, претседателот на скопска единица Иван Џолев не ја прифаќа статистиката дека околу една третина од вкупно одложените рочишта се „по вина“ на судот.
„Не може да ги вклучите одложените рочишта кога причина за одлагање било тоа што списите од одреден предмет биле во Апелацискиот, Врховниот или Судскиот совет, потоа некој од обвинетите во првостепена постапка истовремено имал јавна седница во повисок суд или бил повикан на распит во обвинителството. Доколку се елиминираат овие расправи, тогаш процентот на одложени расправи заради непотполнет судечки совет или немање технички услови за судење (што се единствени причини „по вина“ на судот) процентот на одложени расправи би бил многу помал“,
вели претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.
Колку помал, од скопска единица не добивме и прецизен податок. Но, и без тоа, првиот човек на Кривичниот суд вината за одложувањата на постапките го лоцира на друго место.
„Како кривичен суд надлежни сме и не интересираат само првостепените пресуди. Секако, мора де се имаат предвид сите опструкции врз предметите за кои интензивно се известува изминатиот период, обемниот доказен материјал на обвинителите, префрлање на предмети од едно во друго обвинителство и други причини, кои не се „по вина“ на судот, а кои доведоа до одолговлекување на постапките“,
вели Џолев.
Џолев додава и дека судот ги искористил сите правни мерки да ги санкционира адвокатите кои го користеа ангажманот на повеќе предмети за одложување на рочишта. Вината, пак, што голем дел од рочиштата се повторија пред првостепена пресуда, тој ја гледа во случајот „Рекет“.
„И самите сте сведоци дека по приведувањето на… Катица Јанева, потребни беа неколку месеци за политички договор каде и кој ќе продолжи со застапување на предметите… За тоа време судот… насрочуваше расправи кои беа одлагани заради немање овластен обвинител и заради протек на 90 дена, дел од предметите почнаа од почеток“,
вели судијата Иван Џолев.
Управата за извршување санкции уверува дека повеќе не се одлагаат рочишта бидејќи затворите немале возила
Кантарот и мечот на Јустиција, сепак, не мируваа секогаш само поради надмудрувањата на странките и судот. Низ архивите најдовме барем десет случаи каде што рочиштата се одложиле затоа што обвинети лица не биле спроведени на судење од притвор.

Директорот на надлежната Управа за извршување на санкциите признава дека на стартот можеби имало такви проблеми.
„Меѓутоа, во овие две години и некој месец тој проблем со обезбедување возила е комплетно надминат, со тоа што поголем дел од возилата се купени како нови и опремени, специјализирани за спровод за осудени или притворени лица“,
вели Јовица Стојановиќ, директор на Управа за извршување на санкции
Стојановиќ вели дека сега имаат многу поголем број на случаи кога самите судии ги откажуваат спроводите, дури и додека комбето е на пат кон судот.
„Она кога станува збор за одложување или, пак, за неисполнување на судска наредба, она што јавноста не го слуша или не го гледа е дека честопати самите судии се јавуваат и ги одложуваат рочиштата поради неможност да се одржи тоа рочиште, кога има повеќе учесници во сослушување или во тој настан. Она што сега ние го направивме, затоа републичкиот судски совет се жалеше дека нема доволен број спроводи, назначивме лица кои се директно надлежно за комуникација со судиите кои ги организираат спроводите и сега организираме спровод и по телефонско јавување“,
вели Стојановиќ.
Единствениот функционер зад решетки засега е Ѓоко Поповски, инаку само помошник на министерката за внатрешни работи
И додека сите институции велат дека совесно си ја вршат својата работа, фактите велат дека по две и пол години судење на над 100 обвинети лица од страна на СЈО, меѓу кои и поранешен премиер и министри, зад решетки се само две лица.
Едниот е бизнисменот Сеад Кочан, кој доби 4 години и 8 месеци затвор за „Труст“ – случај во кој беше осуден за незаконско добивање тендер во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина за РЕК „Битола“.

Вториот жител на Идризово од предметите на СЈО е Ѓоко Поповски. Помошникот на министерот за внатрешни работи беше осуден на 4 години и 6 месеци затвор за „Тенк“ – случај за набавката на блиндираниот мерцедес.
„360 степени“ побара и доби согласност од Поповски за интервју во затворот „Идризово“, како единствен функционер што досега заврши зад решетки. Но, барем во моментов, не добивме зелено светло од Управата за извршување санкции.
Така, засега во јавноста останува неговата изјава која ја даде пред судиите на Апелацискиот суд при јавната седница за случајот „Тенк“: „Ако не можете по магарето, удрете по самарот“.

Првата реплика за неговиот став, Поповски ја доби веднаш по тоа рочиште.
„По однос на поговорката која ја спомна обвинетиот Ѓоко Поповски, во овој случај е и по коњот, но и по самарот удираме. Така што, мислам дека не држи вода во овој случај ова што го спомна, затоа што се опфатени сите што се дел од целокупниот процес на набавката на возилото. Нема некој овде што не е опфатен“,
изјави јавниот обвинител Гаврил Бубевски на 5.9.2018 година.
Обвинителот Бубевски, во тој момент, секако беше во право дека во тој случај се опфатени сите инволвирани лица. Но, речиси година и половина подоцна, уште повеќе во право е Ѓоко Поповски и тоа не само за случајот „Тенк“.
Поговорката лесно може да се „прилепи“ и на големиот „Титаник“ и на сите останати предмети на СЈО, во кои засега релативно мирно пловат речиси сите обвинети.