Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар коменитрајќи го изборот на новиот патријарх на Српската православна црква (СПЦ), вели дека сега кочено е време да се реши статусот на Македонската православна црква.
Според него, изборот на Порфириј за поглавар на СПЦ бил очекуван, затоа што во епархијата од каде доаѓа како митрополит, односно загребско-љубљанската, покажал сеопшта прифатеност, пред сè од клирот на римо-католичката црква и од другите вероисповеди кои постојат во Хрватска и Словенија.
„Според сознанијата што ги имавме за тоа како и на кој начин се вреднуваат архиереите во Српската православна црква, ние точно предвидувавме дека во тројцата кандидати за избор на патријарх на СПЦ ќе биде и Порфириј, митрополит загрепско-љубљански, а сега веќе избран патријарх на СПЦ. Според нас, тогашниот митрополит, а сега патријарх на СПЦ, Порфириј, не е човек кој е многу настојчив да истерува некои работи до крај, во смисла да држи до српството по секоја цена и затоа успеа во голема мера да биде прифатен“,
вели митрополит г.Петар во изјава за МИА.
Додава дека Македонската православна црква била незадоволна од претходниот патријарх на СПЦ, но сега очекува решавање на долгогодишниот спор, односно добивање автокефалност од Вселенската патрихаршија.
„Сметам дека и кај нас, и кон нас, кон Македонската православна црква, ќе има разбирање во поголема мера од сите оние кои досега беа настојчиви по секоја цена да ја омаловажат нашата Црква и да не даваат простор МПЦ да се здобие со својата автокефалност. Исто така, сметам дека патријархот Порфириј ќе има правилен однос кон МПЦ, иако како што е познато тоа зависи од поголемиот број архиереи на СПЦ, односно нивниот став. По тоа прашање ние не бевме задоволни од претходниот патријарх на СПЦ затоа што во повеќе разговори што со него ги водевме, тој секогаш велеше ставот на мојата Црква е мој став, а треба да биде поинаку, односно ставот на патријархот да биде став и на црквата, во смисла, тој да даде пример, да насочува и да ги согледува условите со кои живее православието за да нема расколи. Очекуваме конечно решавање на статусот на нашата Македонска православна црква, односно добивање автокефалност од Вселенската патријаршија“,
појаснува митрополит г. Петар.
Македонските експерти за црковните прашања, сметаат дека Порфириј, кој вчера беше избран за поглавар на СПЦ, е од конзервативната струја и дека тој можеби ќе има уште поцврст став кон спорот меѓу МПЦ и СПЦ, отколку неговиот претходник.
Повеќе на оваа тема прочитајте ТУКА.