Матурантите не дозволија несовесната министерка до крај да им ја уништи иднината и прифатија решение, кое нецелосно ги поддржува нивните барања. Учениците покажаа зрелост која недостига кај ресорниот министер, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за компромисното решение што е постигнато во преговорите меѓу Владата и Сојузот на средношколци.
„Покрај тешкотиите во школувањето во период на ковид-19 пандемија матурантите се соочија и со психолошки проблеми, загуби на финансии во семејството и загуби на животи. При тоа се соочија и со бесчувствителниот тврд став на ресорната министерка Мила Царовска, која не покажа воопшто разбирање за нив. Дополнително, учениците – матуранти беа изложени на постојан притисок од директорите од училиштата поставени повторно од власта. Матурантите протестираа и изгубија драгоцено време и енергија за на крај, сепак Владата да попушти- но не докрај да ја испочитува нивната волја“,
се вели во партиското соопштението.
Во соопштението се додава дека ВМРО-ДПМНЕ го почитува ставот на учениците за постигнување компромисен договор за начинот за полагање на матурата, но посочуваат: „Како министер што дал ветување, Мила Царовска можеше и мораше да ги послуша токму учениците кои покажаа интегритет, упорност, но и способност за организирање преговори“.
„Владата на СДСМ ја покажа нејзината неспособност, но покажа и силен предзнак за нејзиниот пад. ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и сега силно ги поддржува учениците, со цел успешен премин во следните фази на нивното школување или вклучување во пазарот на труд. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе ги почитува младите луѓе и во нив гледа иден партнер во решавањето на младинските, но и сите проблеми во општеството“,
се вели во соопштението.
