Вакциналните тимови во С Македонија се водат исклучиво по упатствата на производителот „Фајзер“ и од една вијала се вадат шест дози за апликација, велат од Министерството за здравство
Кинеската вакцина, пак, ќе пристигне наполнета во шприцови, со што ќе се олесни аплицирањето
Вакцината на „Фајзер“ се аплицира со специјални шприцови, со цел да се извади максимумот од шест дози од една вијала. Некои земји, како Јапонија, немаат такви специјални шприцови и поради тоа шестата доза останува неискористена. Во САД, пак, овој проблем го пресретнале уште кога вакцината на „Фајзер“ беше во фаза на тестирање.
Како што јави „Вашингтон пост“, уште во август истражувачи во лабораторија во Масачусетс испитувале кој е најефикасниот начин за целосно искористување на капацитетот на една вијала, и со тоа го предвиделе предизвикот што некои од земјите сега го чувствуваат. Во САД набавиле доволно вакви специјални шприцови, а нивните домашни компании за производство на медицински препарати навремено се фокусирале на ова прашање, со што ги произвеле потребните количини.

Во С Македонија официјално вакцинацијата започна вчера (17 февруари) токму со оваа вакцина, па се обидовме да дознаеме со каква опрема се аплицираат вакцините и дали можеби се соочуваме со истите предизвици. Од Министерството за здравство велат дека во земјава се користат сите шест дози од една вијала на вакцината.
„Министерството за здравство располага со соодветен медицински материјал (шприцови и игли) за дозирање и апликација на вакцината на ‘Фајзер’. Вакциналните тимови се водат исклучиво по упатствата на производителот и од една вијала се вадат шест дози за апликација“,
ни одговорија од Министерството за здравство.
Секоја вијала од вакцината на „Фајзер“ содржи иницијална количина од пет инјекции, но само специјални шприцови можат да ја извадат и „скапоцената“ шеста доза.
Јапонија бара начин да набави специјални шприцови
Јапонија во моментов преговара со неколку производители на вакви специјални шприцови, но тамошните здравствени власти велат дека проблемот е што толку многу количини нема ниту во светот. Оваа земја ја започна вакцинацијата вчера, а за потребите на имунизација на населението од 126 милиони направија набавка од 144 милиони дози од вакцината на „Фајзер“, што ќе биде доволна за 72 милиони луѓе, имајќи ја предвид ревакцинацијата.
Американската компанија за медицинска опрема „Бектон Дикинсон“, како што јави „Ројтерс“, започнала да го зголемува производството на шприцови неколку месеци пред почетокот на вакцинацијата во САД, уште пред тамошната влада да знае дека ќе биде потребен таков специјален шприц за вакцините на „Фајзер“.
„Ројтерс“ пишува дека извлекувањето на шестата доза на вакцината може да биде и финансиски поттик за производителот „Фајзер“, бидејќи набавките на вакцините се плаќаат по доза. САД веќе ги опремиле здравствените работници што вакцинираат против ковид-19 со нови комплети шприцови и игли, со цел да се извлекува последната доза.

Кинеската вакцина ќе биде полесна за аплицирање
Вакцинацијата во С Македонија започна и продолжува со аплицирање на вакцините на „Фајзер“, кои ги добивме од Србија во количина од 4 680 дози. Предност имаат здравствени работници што работат со ковид-пациенти, а први „мразот го скршија“ вработени на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби. Следнава недела се очекува да пристигнат и другите од ветените вакцини на „Фајзер“ од Србија, со што вкупно ќе бидат 8 000 дози.
До крајот на февруари, како што најавија домашните власти, се очекуваат да пристигнат и првите дози од кинеската вакцина, од која се нарачани 200 илјади дози, а потоа во март и оние од преку механизмот Ковакс.
За разлика од вакцината на „Фајзер“, кинеската вакцина ќе пристигне наполнета во шприцови, со што ќе се олесни аплицирањето. Ова го потврди и министерот за здравство Венко Филипче, кој нивното пристигнување го најави до крајот на месецов.
„Вакцината е во форма на претходно наполнет шприц и со тоа на некој начин се олеснува апликацијата. За секој граѓанин што ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втора, која треба да се прими после 21 ден, што значи дека со оваа пратка имаме вакцини за 100 илјади лица“,
рече Филипче при презентацијата на планот за вакцинација на 6 февруари.
Тој додаде дека кинеската вакцина се чува и се дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, што значи дека сите веледрогерии, компании и здравствени домови имаат можност за складирање и транспорт на вакцините.
Според планот за вакцинација, во втората фаза ќе се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 со придружни болести или здравствени состојби со висок ризик. Во оваа фаза се опфатени и здравствените работници од Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите, другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, новинарите, вработени во образовни институции и градинки…
Во третата фаза за вакцинација се преостанатите групи граѓани од дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделство, лица што не можат да одржуваат физичка растојание и на крајот, практично, сите граѓани што сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.