Во 1990 година тогашната Социјалистичка Република Македонија ги одржа првите слободни повеќепартиски избори. Наместо од една партија, како претходно, граѓаните можеа да избираат меѓу 18 политички партии. Три децении подоцна, во земјава има 65 политички партии со најмалку 400 000 члена.
„Многу партии значи и многу големи членства, големи групи граѓани кои се дел од одредени партии од различни интереси и различни мотиви“,
вели политикологот Гордан Георгиев.
Идеологија на политичко уверување или демагогија за остварување лични интереси? Дали партијата е единствената опција за напредок и успех?
„Jaс сум силен поборник дека буквално на сите треба да им се даде шанса во општеството, дека токму тој концепт на размислување и менталитет не е лесно да го промениме или впечатокот кој граѓаните го имаат дека само со партиска книшка може да се вработите“,
вели генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
На Балканот „популарноста“ на партиската книшка не излегува од мода. За разлика од земјите во регионот, каде што во партија се зачленува и до 15 отсто од населението, европскиот просек е 3,5% од вкупното население во земјите.
Пред неполн месец владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија ја започна постапката за ажурирање и активна регистрација на членството. На терен тоа значи дека 1 563 тима од 74 општински организации ги посетуваат домовите на партиските членови. Со промената на Статутот од октомври, сите членови што ќе се впишат во партискиот избирачки список преку процесот на активна регистрација ќе гласаат за избор на претседател на СДСМ на 21 март.
„Ова е дел од мерит-системот на партијата преку кој ќе го мериме и пулсот на членството на нашите функционери, кандидати, директори, градоначалници, пратеници, дали им служат на граѓаните, дали се редовно меѓу нив, дали комуницираат, дали одговараат на телефон, дали се арогантни или не, дали прават добри дела на крајот на краиштата. Сето тоа е дел од еден поширок систем кој го заокружуваме, како што кажав, почнавме да го градиме, го заокружуваме токму со оваа постапка и непосредниот избор со претседател на партијата“,
вели Николовски.
Очекувањата на раководството на СДСМ се дека по ажурирањето ќе имаат околу 60 000 члена. Тоа значи дека близу 3% од населението се членови на владејачката партија. Но, релативно високиот број членови на СДСМ не е изолиран феномен.
Според податоците што ги добивме од Централниот регистар, во Северна Македонија постојат 65 политички партии. Издвоивме 15 кои на минатите локални и парламентарни избори оствариле некаков резултат и ги прашавме – колку членови имаат.
Според висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, тие имаат околу 100 000 члена. ДУИ, пак, брифира дека имаат 75 000 члена. Демократски сојуз вели дека имаат издадено 34 000 партиски книшки, а Алијанса за Албанците 20 000. Ако се соберат бројките од 12 партии што ни одговорија, само тие имаат 351 500 члена.
Доколку се користи проценката на „Книгата на факти на ЦИА“, дека Северна Македонија брои население од 2,13 милиони, тоа значи дека 16,5% од населението, или секој шести, е член на политичка партија.
За политикологот Гордан Георгиев, кој своевремено беше потпретседател на партија, бројот на партиски членови не е до крај реален бидејќи неретко еден човек има партиска книшка во повеќе партии. А зошто толку луѓе воопшто се зачленуваат во партии – дел поради идеолошки, а други поради клиентелистички причини.
„Неспорно постои, но обичните членови на партијата кои се активисти со години многу малку добиваат од тој клиентелизам. Значи, кога ќе дојде партијата на власт, прашање е што може обичен член во некој мал град, Демир Хисар, да добие големи придобивки да добие од таа партија. Но, трчаат за партијата, активни се, ја сакаат, „гинат“ за партијата итн. Овој клиентелизам е на повисоко ниво. Да речеме, имаме бизнисмени кои се блиски до една партија и кога другата партија е на власт тие понираат, како реки подморници се. Чекаат да дојдат нивните моменти. Ја финансираат партијата и кога ќе дојде нивниот момент, кога ќе дојде на власт нивната партија, тогаш станува збор за повисоко ниво на клиентелизам“,
оценува Георгиев.
Зошто толку граѓани се зачленуваат во партиите – одговор побаравме во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Партиите кои ги водат Христијан Мицкоски и Али Ахмети не се одѕваа на поканата.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вели дека тие ја отвориле партијата за сите, па дури и за тие што не сакаат да бидат членови.
„Ние имаме министри во Владата кои се наш предлог, а не се членови на партијата. Сакаме тоа што 11 години целото општество беше до последна пора партизирано, владееше една состојба ако треба лична карта да извадите или некоја обична услуга, да мора да ви битно дали сте член или не на ВМРО-ДПМНЕ до тие пори влезе партизацијата во овие 11 години и ние сега тоа го менуваме“,
ни одговори Николовски.
Николовски не се согласува дека и сега до државна работа се стигнува само преку партиска книшка. За да се смени таквата перцепција, вели, треба време.
„Тој концепт на размислување и менталитет или впечатокот кој граѓаните го имаат дека само со партиска книшка може да се вработите. Нема да биде лесно тоа да го промениме преку ноќ, но нема кој друг да го промени“,
вели генералниот секретар на владејачката партија.
За генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, чија партија вели дека брои околу 20 000 члена, бројките што ги презентираат партиите се надувани.
„Јас мислам дека тоа е или погрешно претставено од политичките партии, или патологија за која треба да зборуваме како социјален феномен кој треба да излезе полека за да ги релаксира работите, и не значи дека секоја политичка партија треба да има од 100 илјади – 200 илјади членови, што мислам не е во ред“,
оценува Таравари.
Според Таравари, членовите на партијата не треба да бидат директно поврзани со изборот на кадри кои ќе ги водат институциите, иако не ја исклучува можноста, доколку партијата има квалитетни кадри, да ги назначи на одредени позиции.
„Ние како политичка партија веќе долго време зборуваме дека сме за деполитизација и професионализам на институциите и тоа го докажавме со локалната самоуправа што ја имаме во Општина Гостивар, Врапчиште, Боговиње. Во повеќето институции и во клучни одделенија во општините раководат луѓе кои не се партиски или се поранешни членови на партија, или не исклучувам да имаме и членови на партијата кои раководат со одредени институции или одредени оддели“,
вели Таравари.
Реалноста е уште пострашна кога ќе се направи споредба колку граѓани на развиените земји имаат партиска книшка.
Така, ако во СДСМ членува околу 3% од популацијата во земјава, а во ВМРО-ДПМНЕ околу 4,7%, во Велика Британија, на пример, владејачката Конзервативна партија на Борис Џонсон има 191 000 члена во земја од 66 милиони жители, или со партиска книшка на власта се само 0,29% од луѓето.
Во Германија, владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел има 407 илјади члена, што е 0,5% од германското население. Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон има близу 420 000 члена или околу 0,63% од популацијата. Сепак, како се оди на југ, работите се менуваат. Владејачката ХДЗ во Хрватска има 220 000 члена во држава од четири милиони жители, што е 5,5% од населението. Апсолутен лидер во регионот е СНС на српскиот претседател Александар Вучиќ. Партијата има 750 000 члена на близу седум милиони жители, што е 10,71% од населението.
Со партиите на Западен Балкан, како политиколог, се занимава и Гордан Георгиев. Прави споредбена анализа со партиите во ЕУ, во делот на транспарентност и внатрешната демократија.
„Кај нас, има влијание клиентеизмот и се рефлектира во големата бројка на членови и големата потреба од клиентелизам, но за да дојдеме до пониско ниво, да се исчистат клиентелистите, што е многу тешко, и да се исчистат оние кои немаат примарна идеја да членуваат во партија заради идеја, идеологија, принцип и дружење, треба партиите да се променат од внатре. Тоa е главната тема. Како партијата да развие внатрепартиски механизми, внатрепартиска демократија кoja ќе биде жива, каде секој член ќе може да има свое јас и свој глас за важните прашања“,
смета Георгиев.
Сепак, Георгиев потсетува дека овие трендови се бавни бидејќи партиите по дефиниција се конзервативни структури – тешко се менуваат, а раководствата не сакаат да ја делат моќта.