Озлогласеното „Вардариште“, кое беше симбол за нехуман третман на бездомните кучиња, преклани замина во историјата. На негово место, по речиси две години работа, никна нов стационар и јавно претпријатие – „Лајка“.

Беше најавено како партнерство меѓу Градот и активистите.
Но, засега не е така.
„Наместо да се зближиме и да бидеме сите заедно, ние се препукувам“,
вели Кемал Незири од Здружението „Хепи Шелтер“

„Намерите не се да се реши проблемот, туку незаконски да се профитира“,
вели активистката и советничка во Град Скопје, Драгана Велковска.
„Нема потреба од креирање вештачки фронтови“,
вели директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска.
Како работи новиот стационар и зошто има судир со активистите?

Ова е Ферус. Речиси цел живот го минал во стационар за бездомни кучиња. Растел во старото „Вардариште“, а сега живее во „Лајка“ – скопското јавно претпријатие кое почна да работи кон крајот на минатата година.
Во стационарот има место за стотина кучиња, а капацитетот е речиси постојано полн.
„Точно се знае кога јадат, се шетаат два пати во денот, се учат да одат на поводник и да ги стекнат сите навики кои едно домашно милениче би требало да ги има“,
вели директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска.
Во „Лајка“ се носат сите кучиња без сопственик затекнати на јавна површина. Секое животно прво минува низ ветеринарната амбуланта, каде се проверува дали, сепак, има сопственик и каква е неговата здравствена состојба. На располагање е само еден ветеринар.

„Доколку нема микрочип, си подлежи на целосниот третман што е во нашето прифатилиште. Прво и основно, вадење крв, испитување крвна слика, правење тест за векторски болести и испитување на болеста лешманиоза на факултетот за Ветеринарна медицина“,
вели ветеринарот во „Лајка“, Виктор Груев.
По завршување на сите лабораториски анализи, чипирање и стерилизација, кучињата се сместуваат во боксови, каде две недели чекаат некој да ги вдоми пред да се вратат на улица.

Тука ретко кому му се дозволува влез. Според раководството, посетите носат ризик од зараза и ги вознемируваат кучињата. Новина е што меѓу боксовите има бетонски прегради за кучињата да немаат меѓусебен контакт, поставени им се легла, греење и видео-надзор. Вработените тврдат дека ниту едно куче досега не било евтаназирано.
„Доколку е позитивно на лешманиоза, даваме две недели период за некој вдомувач да го преземе тоа куче и да се грижи за него, со тоа што еутаназијата ја одложуваме најмногу што можеме“,
вели Груев.
Капацитетот засега не е проблем, но системот кој треба да осигура хуман третман и контрола на бездомните кучиња низ Скопје, сепак, не е заокружен. Од „Лајка“ тврдат дека не функционира врската со регистарот на миленици на Агенцијата за храна и ветеринарство, што значи дека не можат брзо да ги проверат заловените кучиња ниту, пак, да ги препишат на име на вдомувач.

„Реагиравме и до АХВ, а за процесот да се одвива непречено ние си водиме наша интерна евиденција за секое куче, но во процес сме на ретроактивно внесување на чиповите“,
вели директорката на ЈП „Лајка“.
Ова не е единствената мака на „Лајка“.
Активистите веќе се пожалија јавно дека претпријатието, иако е должно, не соработува со невладиниот сектор и ја опструира волонтерската работа.

„Протестот беше со цел да почнеме да ги отвораме очите, да се зближиме сите заедно и раководството на ЈП Лајка да седне и да види каде греши“,
вели Кемал Незири од Здружението „Хепи Шелтер“.
Кемал Незири во своето прифатилиште досега згрижил неколку стотици кучиња. Но, кога се обидел да им најде дом на бездомни кучиња чипирани од „Лајка“ дошол во судир со нив. Од претпријатието побарал да бидат префрлени на име на неговото прифатилиште за да може да ги даде на вдомувачи, а добил пријава во полиција.

„Доставивме и каде ќе бидат вдомени име презиме адреса, стои во мејлот се. Одговорот е овој со една реченица, вие кучињата ги чувате бесправно, истите да се вратат на локација или во прифатилиштето „Лајка“. Наместо да се здружиме и да бидеме сите заедно, ние се препукуваме. Во моментот јас и ти кога ќе се караме, страда трето лице“,
вели Незири.
Директорката, како причина за конфликтот, го посочува проблемот со регистарот на кучињата поради што не можело да се префрли сопственоста. Но, додава и дека со чипираните бездомни кучиња од „Лајка“ засега може да менаџира само претпријатието.

„И поради системот и поради тоа што досега не сме се сретнале со таква ситуација, ние секако во иднина кога би профункционирал системот би ги исконтактирале сите кои сакаат да соработуваат со нас, да седнеме да се договориме како законски би можеле да го истераме тоа, не дека Лајка сака сите кучињата да си ги чува за себе, таман работа“,
вели Петрушевска.
Поплаки за „Лајка“ има и од други љубители на животните. Ангелина Спасовска одамна се грижи за група бездомни кучиња во центарот на Скопје. Дел од нив ги кастрирала на свој трошок, бидејќи почнале да се размножуваат. Во меѓувреме, им бара вдомувачи.
„Ги знам околу две три години. И од тогаш редовно помагам околу нив, со една пријателка ги раниме и сите трошоци ги делиме“,
вели Спасовска.

Но, по пријава од граѓани дошле заловувачи од „Лајка“. Со нејзина помош успеале да фатат две кучиња. Од тогаш,и било дозволено да ги види само еднаш, по што стационарот станал целосно недостапен за неа.
„Ние на почетокот бевме воодушевени од работата, дресерите беа со искуство и првиот пат имаше напредок кај едното кутре, беше поприпитомено од претходно. Но, најмногу што ни пречеше е што не добивавме никакви информации за кучињата понатаму. Повеќе од еден месец немавме никакви информации, не знаевме дали воопшто се живи кучињата, така што немавме ни во план да им помогнеме да земат други кучиња од тука“,
вели Спасовска.
Од „Лајка“ со видео-снимки ја убедуваат јавноста дека кучињата се во стационарот. Но, можност за нивна посета засега нема да има. Според Петрушевска, тоа го попречува процесот на ресоцијализација.
„Стојам на ставот дека нема да дозволам да се еутаназираат. Сметам дека треба да помине подолго време за да се опуштат и да веруваат на некого. Не се сто, две кучиња се и сметам дека стационарот може да го издржи тој трошок за храна и внимание за понатаму да бидеме во состојба да им бараме дом“,
вели директорката
До директорката и „Лајка“ има и други забелешки и критики. За дел од нив, таа најави дека ќе тужи за клевета, што пак беше доживеано како притисок.
„Овде се работи за едно комплетно изигрување на таа грпа граѓани која може многу да придонесе за решавање на овој проблем, и поради тоа изигрување од една страна и од друга страна прогонување со судски процеси, со пријавување во полицијата, активистите немаат никаква доверба во тоа јавно претпријатие. Што е сосема нормално. Претпријатието е се уште затворено…“,
вели Драгана Велковска, активистка и советничка во Град Скопје од „Левица“

Активистката и советничка во Град Скопје од редовите на „Левица“, сите случаи ги сумира во барањето за оставка на директорката на „Лајка“ доставено до Советот на Град Скопје. Поддршка дадоа и петнаесетина Здруженија за заштита на животните кои обвинија дека се исклучени од процесот за згрижување бездомни животни.
„Нема законска основа Лајка да биде вечен сопственик врз бездомните животни откако тие ќе бидат вдомени, па дури и кога се на улица. Кога ќе ги врати веќе на улица истретирани тие животни, нив може било кој да ги вдоми. Може да ги вдоми кај себе или надвор од земјава и нема никаква законска пречка за тоа. И на „Лајка“ должноста и е да соработува и да го овозможи тоа“,
вели Велковска.

„Самата директорка, требаше само една работа да направи, да не повика нас здруженијата, да направи еден состанок и еден концепт за работа, ако не знае, ние ќе им го направиме, и ќе штедеше и Град Скопје и во пари и во време и во луѓе и во ресурси и се“,
вели Незири од „Хепи Шелтер“.
Директорката уверува дека е отворена за соработка со сите здруженија и активисти, но за тоа допрва ќе треба да се прави стратегија. Таа тврди дека се’ се работи законски, а повиците за оставка ги смета за неосновани.

„Се надевам дека доколку некој има конкретни докази дека некако сум ја злоупотребила службената положба, ќе ги достави до надлежните органи, бидејќи вака се ми личи како хајка на социјалните мрежи“,
вели директорката на ЈП „Лајка“.
Додека сите страни не најдат заеднички јазик, проблемот само ќе расте. А колку државата се грижи за тоа, говори и фактот што новиот предлог-закон со кој треба да се засили контролата на неодговорните сопственици и дивите одгледувачници, одамна е заглавен во Собранието.