Мицкоски вели дека инсистира да се донесат вакви законски измени, а Заев вчера исто така изјави дека нема ништо спорно во тоа, но посочи дека тоа би можело да биде проблематично од аспект што личните карти се користат и за патување во земјите од регионот
Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, немаат проблем со тоа во личната карта да се впише етничката припадност на граѓаните.
Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, обвини дека премиерот Зоран Заев е тој кој има проблем со тоа.
„Не гледам проблем во тоа во личната карта да стои дека сум Македонец. Има и такви парламентарни партии кои му служат на Зоран Заев и се обидуваат да го спречат тоа. Јас не гледам зошто во мојата лична карта да не стои мојата етничка определба дека сум Македонец. Некој тоа сака да го спречи затоа што им пречеше македонскиот јазик, Македонија, АСНОМ и што уште не … Не гледам што е спорно ако во графата националност стои мојата етничка припадност и инсистирам тоа да стои. Зошто тоа да го опструираме тоа и да му слугуваме на Зоран Заев, кој има договор со Беса и сега бара преку некои странични други парламентарни партии, да нанесат штета на македонскиот народ. Зошто тоа што го избриша со тој насилен договор од Преспа, денеска ние да не го вратиме во парламентот и во мојата лична карта да стои дека сум Македонец“,
изјави денеска Мицкоски.
Од коалициските партнери во власта, иако Мицкоски не ги споменува со имиња, вчера во јавноста со изјава излезе претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, според кој апсурдно е да стои етничка припадност во личните карти бидејќи ќе значи можност за поделба о етничка основа и различен третман.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пак, исто како и Мицкоски, вчера изјави дека не гледа ништо спорно, но посочи дека тоа би можело да биде проблематично од аспект што личната карта ја користиме и како патен документ за во земјите од Западен Балкан.
„Прво, државјанството е обврска согласно сите меѓународни стандарди. Ние со законот што го прифативме уште при уставните промени, а и сега стоиме зад него, даваме опција да се впише и етничка припадност. Опцијата да се впишеме како сме етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта пред сè е документ за лична идентификација. Убавината е што се користи како патен документ овде во регионот на Западен Балкан, со сите земји ние патуваме со лична карта – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Тоа е проблематично, но дефинитивно не е доволна причина за да не ја ставиме етничката определба на граѓаните заради тоа што навистина државата ни е мултиетничка, граѓаните се припадници на повеќе етнички заедници и ќе го имаат правото во својата лична карта да го имаат и својот етникум“,
изјави Заев.
Етничката припадност во личните карти е предлог на Движењето Беса и е дел од предизборниот договор меѓу партијата на Билал Касами и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Предлогот е во собраниска процедура, а партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Предлагачите на законот за изменување и дополнување на законот за лична карта по скратена постапка се четворица пратеници од Беса, кои предлогот го доставија во декември 2020.