Темелковски: Имам амбиција за уште еден мандат; Георгиевски: Има уште многу време до почетокот на предизборието; Богоев: Ослободен сум од притисок дали ќе се кандидирам повторно за градоначалник или ќе продолжам на друга позиција…
Дел од скопските градоначалници се надеваат на поддршка од СДСМ за нова кандидатура на годинашниве локални избори, и покрај тоа што партискиот лидер Зоран Заев не го спомна главниот град кога ја соопшти првичната листа на актуелни градоначалници на кои планира да им даде поткрепа за нов мандат.
Генерално, градоначалниците со кои разговаравме нагласуваат дека сѐ уште е рано да се зборува на оваа тема, со оглед на тоа што локалните избори би требало да се одржат во октомври. Тие велат дека моментно се посветени на реализација на проектите од своите програми од изборите во 2017 година.
Освен скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој пред извесно време изјави за „360 степени“ дека ќе побара поддршка од Заев за уште еден мандат, и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, отворено кажува дека има амбиција за нова кандидатура на годинашниве избори.
„Секако дека имам амбиција за уште еден мандат и дека се надевам на поддршка и од партијата и од граѓаните. Но сѐ уште е рано да се разговара за кандидатурите. Со оглед на тоа што до изборите има уште 10 месеци, сега сум фокусиран на реализација на мојата програма“,
изјави Темелковски за „360 степени“.
Сите 10 општини што административно му припаѓаат на главниот град, на изборите што се одржаа на 15 октомври 2017 година (првиот круг), добија градоначалници од владејачките СДСМ и ДУИ, кои настапуваа во коалиција во градоначалничката трка, но имаа посебни советнички листи, така што сега имаат и мнозинство во советите на единиците на локалната самоуправа.
Шилегов беше избран за градоначалник на Скопје уште во првиот круг, иако имаше седум противкандидати, меѓу кои и претходниот скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во два мандата, Коце Трајановски.
Стефан Богоев, пак, кој во тоа време беше претседател на Социјалдемократската младина, успеа да ја врати „доминацијата“ на социјалдемократите во Општина Карпош по два градоначалнички мандата на Стевчо Јакимовски, кој во 2013 година се „одметна“ од СДСМ.
Богоев сега вели дека е ослободен од притисок дали ќе се кандидира повторно за градоначалник на Карпош или ќе продолжи на друга позиција. Тој вели дека, како еден од новата генерација политичари, има уште да понуди во политиката.
„Одлуката ќе ја донесам и ќе ја соопштам навремено. Но независно каква ќе биде, ве убедувам дека до последниот ден од мандатот ќе ги вложам сите сили за реализација на што поголем број проекти и активности во интерес на граѓаните. Сметам дека имам уште да понудам во политиката и како еден од новата генерација политичари. Можеме и мораме да ги менуваме работите на подобро“,
изјави Богоев за „360 степени“.
Во 2017 година СДСМ првпат освои градоначалничко место и во Гази Баба. Борис Георгиевски, градоначалникот на оваа општина, нагласува дека сѐ уште не е почнато предизборието и дека за кандидатурите за годинашниве локални избори би се разговарало во партијата некаде во мај.
„Претседателот Заев го изнесе својот став во врска со изборите и, ако забележавте, беше мошне воздржан, веројатно поради тоа што има уште многу време до почетокот на предизборието. Јас сѐ уште работам на реализација на проектите од мојата програма и сум задоволен од тоа што го постигнавме како општина во изминатите повеќе од три години“,
ни изјави Георгиевски.
Заев вчера изјави дека дел од актуелните градоначалници на СДСМ повторно ќе бидат кандидати за функцијата, при што посебно издвои неколку помали општини во земјава, како Валандово, Богданци, Конче, Кочани, Старо Нагоричане, Крушево, Маврово-Ростуша, Демир Капија…
„СДСМ секогаш го слуша гласот на народот и сите што биле добри и служеле добро имаат најголеми шанси повторно да бидат кандидати. Онаму каде што граѓаните не се задоволни ќе има нови. Јас лично ќе застанам зад неколку кандидати, но тоа не значи дека ќе бидат избрани, тоа ќе биде заедничка одлука на органите и телата на партијата, ова е само мој личен став“,
изјави Заев и посочи дека процедурата за кандидирање и селекција ќе биде во мај и во јуни.
На последните локални избори СДСМ освои убедливо најмногу градоначалнички места, така што за ВМРО-ДПМНЕ „останаа“ само пет општини, меѓу кои единствена урбана е Кавадарци, каде што градоначалникот Митко Јанчев, кој во меѓувреме влезе во судир со новото партиско раководство предводено од Христијан Мицкоски.
За разлика од убедливата победа во сите скопски општини што СДСМ и ДУИ ја обезбедија на локалните избори пред повеќе од три години, на ланските предвремени парламентарни избори владејачкиот табор оствари тесна предност пред опозицијата во изборните единици во кои влегуваат општините од главниот град.
Во првата ИЕ, коалицијата на СДСМ оствари предност од нешто повеќе од 4 илјади гласа и еден пратенички мандат повеќе (8:7) од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на оваа ИЕ, СДСМ обезбеди најголемо водство во Центар, а потоа во Карпош, но не помина најдобро во Кисела Вода и во Аеродром…
ВМРО-ДПМНЕ, пак, на ланските парламентарни избори оствари предност пред СДСМ во три скопски општини во состав на Скопје: Гази Баба, Ѓорче Петров и Бутел, каде што локалната власт од 2017 година ја има СДСМ.