Регионите со најголемо загадување на воздухот поврзани со фосилни горива, како што се Источна Европа, Југоисточна Азија и Североисточна Америка, имаат најголема стапка на смртност
Повеќе од осум и пол милиони луѓе починале во 2018 година од загадување предизвикано од согорување фосилни горива, покажува новото заедничко истражување на Универзитетот Харвард и три престижни британски универзитети, што е многу повеќе од она што е познато од претходните истражувања.
Ова значи дека загадувањето на воздухот предизвикано од согорување фосилни горива е одговорно за скоро 20 проценти од смртните случаи ширум светот, пишува порталот „Клима101“, а пренесе Н1.

Студијата објавена во списанието „Истражување на животната средина“ покажа дека регионите со најголемо загадување на воздухот поврзани со фосилни горива, како што се Источна Европа, Југоисточна Азија и Североисточна Америка, имаат најголема стапка на смртност.
Оваа студија значително ги зголемува претходните проценки за бројот на луѓе што умираат од загадување на воздухот.
Големата студија за причините за смртност на глобално ниво во 2019 година проценува дека вкупниот број на смртни случаи од надворешно загадување на воздухот е околу 4,2 милиони.
Покрај согорувањето фосилни горива, оваа бројка вклучува и смртни случаи поврзани со други извори на загадување, како што се чад од шумски пожари и од запалени стрништа.
8,7 милиони смртни случаи во 2018 година
Како истражувачите дошле до 8,7 милиони смртни случаи во 2018 година само од согорување на фосилни горива?
Претходните истражувања во голема мера се потпираа на податоци и отчитувања набљудувани од сателити од мерни места за да се проценат просечните годишни концентрации на ПМ 2,5 честичките на глобално ниво.

Сепак, од овие отчитувања не беше можно да се разликуваат честичките генерирани од согорувањето на фосилни горива од оние предизвикани од прашина или чад од шумски пожари.
„Со помош на сателитски податоци, можете да видите само едно парче од сложувалката. Користејќи сателити, тешко е да се направи разлика помеѓу различни видови честички, а исто така може да наидете на големи ‘дупки’ во податоците“,
вели Лорета Микли од Харвард, една од авторите на студијата.
За да се надмине овој предизвик, истражувачите користеа сигурен глобален 3Д-модел наречен GEOS-Chem, кој е во состојба да покаже нивоа на загадување со висока резолуција од 50 пати на 60 километри.
„Наместо да се потпираме на просечните загадувања кои покриваат големи региони, ние сакавме да мапираме каде е загадувањето, како и каде живеат луѓето, за да можеме да знаеме точно каков воздух дишат тие луѓе“,
вели Карн Вора, главен автор на студијата од Универзитетот.во Бирмингем.
По мапирањето на загадувањето, истражувачите ги обработиле податоците користејќи ги најновите сознанија за здравствените проблеми предизвикани од загадувањето на воздухот.
Иако несаканите здравствени ефекти од загадувањето на честичките се познати од поодамна, претходните истражувања покажаа дека тие ги потцениле здравствените ефекти од релативно пониското ниво на загадување, како и екстремно високи концентрации од загадувачите.

Резултатот добиен од научниците со употреба на нови методи, покажа дека на глобално ниво, изложеноста на загадување од честички од согорување на фосилни горива, предизвикало дури 21,5 проценти (10,2 милиони смртни случаи) од сите смртни случаи во 2012 година.
Оваа бројка во 2018 година падна на 18 проценти ( 8,7 милиони смртни случаи), најмногу благодарение на подобрениот квалитет на воздухот во Кина.
„Кога разговараме за опасностите од согорување на фосилни горива, ние често се фокусираме само на контекстот на климатските промени и емисиите на јаглерод диоксид, игнорирајќи го потенцијалното влијание врз здравјето на другите загадувачи што емитираат гасови заедно со стакленичките“,
посочува Џоел Шварц, еден од креаторите на нов модел за проценка на влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето користен во истражувањето.
Друг автор на истражувањето, Елои Маре, посочува дека овие откритија дополнително придонесуваат за огромен број докази кои покажуваат дека зависноста од фосилни горива го загрозува глобалното здравје.
„Не можеме да продолжиме да се потпираме на фосилни горива со чиста совест, додека за нас се достапни почисти алтернативи, особено сега кога знаеме дека има такви сериозни последици по здравјето“,
заклучува таа.