Претседателот на Собранието, Талат Џафери, му ја вратил иницијативата за собирање потписи за одложување на пописот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, затоа што во неа не е користено новото уставно име „Република Северна Македонија“ туку старото „Република Македонија“.
Џафери му посочил на Мицкоски дека иницијативата не е доставена до надлежниот орган во Република Северна Македонија, како и дека во земјава не постои Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.
Ваквата информација на социјалните мрежи ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој најави дека на седница на Централниот комитет ќе предложи да се почне со собирање граѓански потписи.
„Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој објави и фотографија од писмениот одговор на Џафери, на која може да се забележи дека е покриен зборот „Севрна“.
„Почитуван г. Мицкоски, со овој допис Ви ја враќам Граѓанската иницијатива на државно ниво за предлагање на донесување на закон за престанување на вашето на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија од 05.02.2021 година. Ова од причина што истата не е доставена до надлежниот орган во Република Северна Македонија што треба да ја разгледа и да се произнесе по неа, како и поради тоа што во правниот поредок на Републиката не постои Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“,
пишува во одговорот на Џафери кој го објави Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ги достави до Собранието потписите и записниците за почнување на иницијативата за собирање најмалку 10 илјади потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.
Ова следуваше откако генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски и лидерот Христијан Мицкоски минатата седмица поднесоа барање до ДИК за собирање најмалку 100 потписи во 4 подрачни одделенија на Комисијата во Скопје, за да може да почне граѓанската иницијатива за собирање најмалку 10 илјади потписи за предлог-закон за поништување на Законот за попис.
Процедурата доколу Џафери не ја вратеше иницијативата назад, според информациите од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и од ДИК, предвидуваше дека во рок од два дена, за неа треба да се изјасни комисијата што претседателот на Собранието ќе ја одреди како матична. Потоа, согласно Законот за референдум и други граѓански иницијативи, и Владата требаше да даде оценка дали е уредно барањето на ВМРО-ДПМНЕ, по што, во рок од 20 дена, би можело да почне собирањето граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.