Со предлог-законот се предвидува и намалување на глобите за микро и малите трговци, додека за трговците класифицирани како средни и големи се предлагаат повисоки глоби
За само едно евро секој што има идеја за бизнис ќе може да основа друштво со ограничена одговорност. Измените на Законот за трговски друштва, кои денеска го поминаа првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања, предвидуваат и овие трговски друштва да имаат определена, видно обележана ознака дека нивниот капитал е минимален.
„Согласно со Програмата за работа на Владата (2017-2020), дел 4. Поддршка на домашни претпријатија, утврдена е можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од едно евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена, видно обележана ознака, за секој што ќе соработува со ваков тип деловен субјект да знае дека неговиот основачки капитал е едно евро. Дополнително е направена и компаративна анализа со законодавството во Хрватска во делот право на трговски друштва, при што е утврдено дека постои можност за инкорпорирање на оваа владина мерка во рамки на Законот за трговските друштва, во делот на одредбите кои го регулираат друштвото со ограничена одговорност“,
се наведува во предлог-законот што го подготви Министерството за економија.

Понатаму, се предлага Законот за трговските друштва да се усогласи и со новиот Закон за прекршоци.
„Со предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно со Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување“,
рече заменик-министерот за економија Зоран Маневски образложувајќи го предложеното решение.
Пратеникот Панчо Минов го поздрави ваквото решение и оцени дека е правично и дека нуди и низа други поволности, освен потребата на почетен капитал од само едно евро за почнување бизнис.
„Предлогот овозможува регистрирање што повеќе вршители на дејност, но и надминување на сивата економија. Дополнително, освен „едно евро“, се уредуваат и поволности во делот на финансиското работење. Евентуалните, пак, штетни, неповолни договори во однос на ликвидноста и финансиското работење на трговските друштва, сега се ставаат во надлежност на органот за управување со хартии од вредност. Тој да ја следи состојбата на кое било прекршување на законот од управните или надзорните органи. Членови на надзорните и извршните органи се санкционираат и со глоба, но ако го повторат прекршокот, им престанува должноста. Всушност, има олеснување на казните и превентивно дејствување, но ако прекршокот се повторува, казните се порестриктивни, што е правично. Построга казна не се изрекува како досега – директно, туку дури откако ќе има повторување на прекршокот на одговорното лице во трговското друштво, што е многу правично, а дејствува и превентивно. Исто така, за малите претпријатија казните се намалуваат, а за средните и големите се зголемуваат“,
истакна Минов.
Како што стои во предложениот текст, со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што во сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.