За лицата што се во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци
Попишувањето на лицата државјани на Северна Македонија, кои во периодот на спроведување на пописот живеат/престојуваат во странство, ќе се врши по пат на самопопишување/саморегистрација, преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
За ова информираа денеска од Владата и посочи дека овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кое ќе се обезбедат податоци со пописот како „вкупно нерезидентно население“. Тоа се лицата, државјани на Северна Македонија, кои во времето на пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив.
„Услов за да се самопопишат е точниот единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Начинот на попишувањето на овие лица е во согласност со методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС)“,
се наведува во владиното соопштение.
За лицата со место на вообичаено живеење во Северна Македонија, кои за време на пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во земјава, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.
За овие лица, како што се нагласува, податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот ЕМБГ (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци). При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци.
Пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социо-економски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата. Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н ‘одлив на мозоци, односно заминување на високообучени и квалификувани луѓе’,
нагласуваат од Владата.