Минатата недела објавивме сторија за семејство кое влегло во стапица обидувајќи се што поскоро да се пресели во Австралија. Дало 8 500 евра, а ветените визи никогаш не стигнале.
„Откако му се исплатени овие средства, тој веќе почнува да губи секаков контакт со моите странки и имал изговори дека паднал од дрво, дека дедо му починал, дека детето му е болно и нонстоп се случуваат такви работи“,
кажа адвокатката на оштетените, Весна Тренковска, минатата недела.
Случајот го привлече вниманието на „360 степени“ бидејќи за него има пријава уште од 2018 година, а сè уште нема ниту првостепена судска одлука. Судењето оди бавно поради ретките рочишта и честите отсуства на обвинетиот.
Новост по нашата сторија од пред седум дена е што во меѓувреме требаше да се одржи ново рочиште. Но, како повеќепати претходно, тоа се одложи поради отсуство на обвинетиот.
„На самата расправа се појави полицијата и кажа дека тие сториле напори за присилно да го доведат, но истиот го затекнале во Центарот за јавно здравје дека е тестиран од коронавирус и дека треба да биде дома и во изолација. Јас сметам, истото го приговорив во записник, дека тој самоиницијативно се јавил на лекар и побарал за истиот тој ден да биде прегледан и тестиран од коронавирус, свесно знаејќи дека по неговото тестирање тој треба да биде во изолација, и за неговиот бранител, нормално, тоа е оправдано отсуство, за мене сметам дека тоа е неоправдано и сметам дека тестирањето можел да го одложи за друг ден со цел да имаме уредна расправа“,
смета Тренкоска.

За новото одложување став побаравме и од обвинетиот Д.М. од Прилеп. Тој ни испрати позитивен тест за ковид-19 и решение за десетдневна изолација. Како и минатата недела, не ни даде став – зошто зел пари, а не помогнал четиричленото семејство од Скопје да добие визи, ниту дали планира да се појави во суд на следното рочиште. Тој се товари за измама со сторена штета од позначителна вредност, за што е предвидена казна од три месеци до пет години затвор.
Според оштетените, сепак, не е сѐ по старо. Медиумскиот интерес ја сменил атмосферата на последното рочиште.
„Па, се чувствуваше поинаква атмосфера, затоа што обвинителот се појави на расправа, претходно не доаѓаше“,
вели Тренкоска.
Она што останува по старо е барањето на оштетените да се провери веродостојноста на досегашните докази со кои бранителот на обвинетиот успевал да ги одложи рочиштата, а тоа е операција во Турција.
„Ние не можеме да го вратиме времето наназад и да го вратиме осомничениот во судница, но, од друга страна, доколку тој бил уредно известуван, а не се појавувал и неговиот бранител во судот кажува дека е оправдано, а Обвинителството провери дека е неоправдано, судот има право да изрече мерка притвор за осомничениот, во таа насока сметам дека е потребно Обвинителството да ги провери информациите како државен орган, дали навистина во тој период осомничениот излегол од нашата држава, дали навистина таа операција била направена и, согласно одредбите од ЗКП, дали имал потреба воопшто таа операција да биде правена во тој период“,
вели адвокатката.
Како што објавивме, оштетените сами се обратиле до граничната полиција и турската болница за да проверат дали обвинетиот навистина бил опериран, но граничарите ги известиле дека таква информација може да побара само судот.
А судот смета дека нема потреба од такво нешто.
На последните две расправи Судот оцени дека отсуството на обвинетиот од расправата е од оправдани причини, што произлегува од медицинската документација за сериозноста на болеста за која му е определено и боледување во тој период од надлежен орган – лекарот кој и го лекувал.

Од прилепскиот суд велат дека превентивни мерки можат да се изречат само по барање на Обвинителството.
„Такво барање до денес до судот не е доставено бидејќи и Обвинителството веројатно проценило дека отсуството на обвинетиот е од оправдани причини.“
Од Обвинителството не добивме одговор зошто не бараат оценување на веродостојноста на претходните докази со кои се одложува судската постапка, ниту какви мерки ќе преземат ако обвинетиот повторно не се појави во судница. Следното рочиште е закажано побрзо од вообичаената динамика, на 3 март.