Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје ја отфрли кривичната пријава на поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова, против тројца членови на Судскиот совет, меѓу кои и претседателот Киро Здравев.
Таа ги товареше за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи, според неа, ја искористиле положбата за да влијаат на постапката што се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.

Што пишува во пријавата на Неделкова
Според информациите што ги споделуваат од ОЈО Скопје, судијката во пријавата наведува дека тие ги пречекориле границите на своите овластувања за да ѝ ги повредат правата, а од лични и политички причини влијаеле врз други членови на Судскиот совет при одлучувањата.
Комисијата која го разгледувала извештајот за постапката против неа предложила запирање, но членовите што ги пријавила Неделкова, според неа, го вратиле ваквиот предлог на доработка, за потоа постапката да резултира со предлог за нејзино разрешување.
„Потоа избрале нов член во Комисијата и одлучувале без да ја известат оштетената за резултатите од гласањето и за дополнително спроведените дејствија. На 19.1.2021 година Комисијата, без никакви дополнително утврдени околности, донела предлог-одлука за разрешување на судијката во Врховен суд“,
пишува во пријавата на судијката, според соопштението од ОЈО Скопје.
Зошто ОЈО Скопје ја отфрли кривичната
За да ги испита тврдењата на Неделкова, јавен обвинител ги прибавил списите од Судскиот совет и ги проучувал, наведуваат од Обвинителството во објаснувањето зошто ја отфрлиле кривичната.
Обвинителот утврдил дека во септември лани Судскиот совет расправал за предлогот да се запре постапката против судијката, но кога се гласало немало двотретинско мнозинство, па согласно законските одредби било оценето дека е потребно предметот да се доработи и списите биле вратени во Комисијата.
Новиот член на Комисијата, според Обвинителството, бил избран законски со ждрепка. Оваа Комисија одржала состанок и гласала на 18 јануари 2021, но до Судскиот совет сè уште не доставила предлог-одлука.
ОЈО Скопје тврди дека записниците од седницата на Судскиот совет кога било одлучено да се врати предметот на доработка, се забележува дека од членките на Советот опфатени со пријавата на Неделкова воопшто не се јавила за збор. Другата, пак, се јавила и дала образложено мислење за кое, тврди обвинителството, не може да биде повикана на одговорност.
Затоа, ОЈО Скопје одлучило дека нема елементи на кривично дело како што тврди Неделкова.
Таа има право на жалба до Вишото јавно обвинителство.