Членот 8 од Законот за попис предвидува дека за државјаните на земјава кои се на привремена работа или престој во странство ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот
Заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, вели дека не е точно оти етничката и верската припадност на лицата кои во моментот на пописот нема да бидат во државата, не може да ја потврдат нивните роднини.
За ова, дилема во јавноста внесе, првиот човек на статистика, Апостол Симовски, кој пред неколку дена рече дека кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување.
„Што сакал да каже директорот не знам, најдобро знае тој. Само знам дека тоа што го кажал е грешка и тоа од две причини. Такво нешто не е предвидено ниту со Законот, ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лица кои се надвор. Ги вклучува сите податоци од матичен број и се друго што се однесува на пописот“,
вели заменик-директорот Селами во изјава за ТВ21.

Симовски, пред неколку дена кога ја презентираше методологијата за спроведување на пописот рече дека за прашањата за етничката и верската припадност ќе мора секој лично да се изјасни.
„Кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на оние прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Лице што не ги познава доволно, не може да даде податоци и нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати одговорот. Денес постојат можности за комуникација, лесни, достапни и евтини, да се искомуницираат тие лица кои се надвор и самите да ги пополнат податоците. Тоа е целта, и тоа би било најдоброто решение“,
рече Симовски.
Членот 8 од Законот за попис предвидува дека за државјаните на земјава кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.

„За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика“,
се вели во член 8 од Законот за попис.
Во член 10 пак, пишува дека државјани на С Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат тука или во странство ќе се обезбедат податоци за повеќе карактеристики мешшу кои и етнички, културолошки и религиозни.

Со пописот предвидено е да се опфатат лица, домаќинства и станови, а лицата како единици во пописот што не се опфаќаат со оваа операција се дипломатскиот персонал на странските конзуларни претставништва, како и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, и членовите на нивните семејства лоцирани во РСМ, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на пописот престојуваат во РСМ, странци кои се на службен пат во земјава, на одмор или лекување, странски државјани кои поради работа или школување дневно ја поминуваат државната граница.
Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, според кој пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава.