Работниците во дејности во кои процесот не може да прекине за одмор може користат и друг ден од неделата. Другите дејности нема да смеат да работат, а во случај да го прекршат законот и да работат во недела, ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка, велат од кабинетот на Битиќи
Трипартитниот дијалог ја потврди намерата на Владата недела да се прогласи за неработен ден, односно, според она што денеска се донесе како заклучок, текстот да гласи: „недела е ден за неделен одмор“, информираа од кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи, по денешната седница на Економско-социјалниот совет.
„За нормално функционирање на државата факт е дека ќе има можност одредени работодавачи/правни субјекти да работат, но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат (значи не сите работодавачи во тие определени дејности). Другите работодавачи (и тие работодавачи чии технолошко-производствени процеси смеат да се прекинат во наведените дејности а и сите работодавачи во дејностите кои не се наведени во исклучоците) нема да смеат да работат.Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Битиќи.
Оттаму објаснуваат дека во дејностите кои ќе спаднат под исклучоци работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела на работниците, согласно законите и колективните договори и ќе треба да одредат друг ден „кој ќе биде ден за неделен одмор“.
„’Недела неработен ден’, како дел од програмата на оваа Влада, е приоритет и дел од политиките кои ќе доведат до зголемена социјална рамноправност и заштита на работничките права“,
се посочува во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска пред членовите на Економско-социјалниот совет ја презентирала последната верзија на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, со кој се предвидува денот недела да биде неработен.
Како што соопштија од МТСП, последното решение доаѓа по широка дебата во општеството, со синдикатите, со претставниците на коморите, на работодавачите, но и по сеопфатната дебата што се одвиваше во јавноста воопшто.
За работната верзија на предложеното законско решение свое мислење дале и претставници од Државниот инспекторат за труд.
Министерката Шахпаска објасни дека во ова решение се сублимирани повеќето од забелешките што изминатиот период ги дадоа претставници и на работниците и на работодавачаите.
„Наша задача е да дојдеме до предлог-закон кој ќе биде прифатлив за сите страни што се дел од социјалниот дијалог. Сметам дека документот за кој дискутираме денеска овозможува најголемиот дел од работниците неделата да ја користат за одмор и за семејството. Секако дека работниците кои работат во дејности во кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине, поради техничко-технолошки процес и потребата од континуитет, како ден за одмор може користат и друг ден од неделата. Начелно има согласност за носење вакво законско решение и сите засегнати страни имаат позитивен пристап,
нагласи министерката Шахпаска.
Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка.Членовите на Економско-социјалниот совет дискутираа и за тоа дали со исклучоците се опфатени сите дејности кои не можат да го прекинат работниот процес, бидејќи одредени сектори мора непречено да функционираат.