Во интервју за ТВ 24, вицепремиерот задолжен за борба против корупција рече дека е време храбро и решително да се справиме со ова болно прашање
Треба да ја прифатиме реалноста и да почнеме да работиме сите заедно во еден ист правец, вели вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски за ТВ 24, за забелешките во извештајот на „Економист“ за индексот на демократија и оценката „хибриден режим“.

„Мора да најдеме сите разбирање, затоа што сите сме на истата страна – граѓаните и невладинте организации и сите кои ја следат оваа проблематика. Верувам дека веќе следната недела ќе имаме конкретен план што е се детектирано и што се треба да направиме. Сите овие препораки ќе бидат проследени до Владата и ќе бидат задолжени министерствата и институциите, затоа што дојде ред храбро и решително да се зафатиме со решавање на ова болно прашање“,
рече Николовски.
За 2020 година рече дека ќе остане запаметена по блокадите од опозицијата на работењето на Собранието и многу процеси во време на пандемија, но и по, како што истакна, успешноста на изборите и воспоставувањето на институциите и механизмите на демократија.
За оценката од 3,13 за политичка култура, која е потенцирана во извештајот, Николовски рече дека е поради неодговорното однесување на некои владини функционери кои беа дел од техничката влада, непочитувањето на мерките и протоколите…
Тој истакна дека Владата е свесна за проблемите кои треба да се решаваат во општеството и се што е нотирано во извештајот се поклопува и со нејзините приоритети.
Претходно, како што соопштија од Кабинетот на Николовски, тој денеска се сретнал со претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева денеска разговарале за последниот извештај за „Индексот на утврдување на перцепцијата за корупција за 2020 година“, при што договориле натамошни заеднички активности.