За шефот на државата небулозно е тврдењето дека можат да се штелуваат процентите на етничката застапеност на пописот
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ24 посочи дека верува оти може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира.
„Сe обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот да не затвораат врата од некаков страв, проблем ли е? Нека биде тогаш пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Ако сме чекале 20 години, нема да е крај на светот ако биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот“,
рече Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ 24.
Бојкотот на пописот, оцени Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ може само да и нанесе повеќе штета. Според него, поиздржано би било да не се признаат резултатите, отколку да се бојкотира процесот.
„Според мојата проценка за последното однесување на виталните политички субјекти, мислам дека полека во свеста кај нив пробива сознанието дека од повикот за бојкот ќе имаат штета припадниците на етничката заедница за која наводно се залагаат. Повеќе сум склон да верувам дека е можно на крајот од пописот некои политички субјекти да речат не ги прифаќаат резултатите, и тоа е апсилутно политички легитимно, но да се повикува на бојкот ќе се направи голема политичка штета и ти како претсттавник на таа одредена етничка заедница нема да добиеш ништо, напротив ќе изгубиш“,
вели Пендаровски.
За шефот на државата небулозни се обвинувањата дека Заев и Ахмети договориле штелувани резултати на пописот за да има 32 отсто Албанци во државата. Вели пописот е најдобро да се одржи по класичниот метод, од куќа до куќа, но добро е да биде засилен и со новите методологии.
„Нашите датотеки се ноторно несигурни и не се пополнети како што треба, и тоа е така со децении. Најдобриот начин е да се оди „пешки“ и плус ако некаде има дибиоза да се допровери на електронски начин. Јас гарантирам дека ако направиме саглам попис со новите технологии, можеме исто така со мала политичка волја да ги исчистиме многу брзо гласачките листи, дури и за локалните избори,“
рече Пендаровски.
На прашањето дали планира да ги седне на заедничка маса Зоран Заев и Христијан Мицкоски за ова прашање, Пендаровски вели дека смета оти нема таква опција.
„Јас можам, но ви кажувам дека нема да се согласи другата страна да дојде. Инаку јас сум подготвен, јас сум тука. Не можете со сила да ги влечете на маса, ако тој ви вели – јас не комуницирам со тебе зашто си му дал мандатот на Заев“,
напомена Пендаровски и додаде дека од летото немал средба со Мицкоски.