Претседателот Стево Пендаровски во интервју на ТВ24 коментирајќи го случајот „Јавна соба“ порача дека треба да се повикаат на одговорност раководните лица на институциите кои треба да постапуваат по него.
„ Во мојот кабинет примив и некои од жртвите ми рекоа дека прв пат пријавиле во март, неколку дена пред „локдаунот“ за пандемијата, значи безмалку една година надлежните органи рагираа како што реагираа. Треба да се прашаат носителите на функции на тие институции кои постапувале лошо, аматерски или не постапувале, што е уште полошо. Знаете како, ако постапувате, секој од нас може да погреши, ама ако воопшто не постапувате значи се оглушувате на многубројните барања за „Јавна соба“, мислам дека се работи за потенцијални неколку илјади жртви. Мислам дека единствен начин во оваа држава конечно да профункционира одговорноста да ги прозиваме луѓето кои се носители на соодветна институција со име и презиме. Вие сте одговорен за тоа, зошто ништо не сте направиле? И јавноста, често пати е инертна или прашањето се третира два-три дена и не се навраќаме на одговорноста. Одговорноста секогаш за било кое дело има име и презиме“,
рече Пендаровски.