Три месеци по потпишувањето на меморандумот меѓу Вашингтон и Скопје, со кој земјава изрази подготвеност дека ќе дозволи пристап исклучиво на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи, Владата усвои измени на Законот за електронски комуникации со кои договореното во заедничкиот американско-македонски документ, откако ќе поминат во Собранието, ќе стане и законски обврзувачко.

Според законските измени, телекомуникациската антена која се наоѓа на врвот на зградата на некогашниот гигант НИП, а во која сега е сместено и Министерството за информатичко општество и администрација, кое ги изготви предлог-интервенциите во Законот, нема да смее да биде од производител што ќе се најде на листата „недоверливи“.
„Целта на измените на Законот за електронски комуникации е додефинирање и заострување на безбедносните критериуми и од следните технологии, или генерации на технологии, што ни доаѓаат во комуникациските мрежи, со една цел – подобрување на безбедноста на нашата држава“,
кажа министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

„Со усвојување на законските измени и дополнување на Законот за електронски комуникации се поттикнуваат релевантни и доверливи добавувачи и производители на хардвер и софтвер на 5Г-пазарот“,
кажа Шаќири.
Целата приказна почна откако администрацијата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, препозна опасност од шпионирање од кинеските технолошки компании кои се глобални лидери во производство на 5Г-мрежи. Американската дипломатија, која потпиша меморандуми со низа клучни членки на НАТО и на Европската Унија, со кои дефакто им се забранува на гигантите како „Хуавеј“ и ЗТЕ да инсталираат своја опрема во овие земји, во октомври минатата година чукна и на нашата врата. Високиот американски дипломат што дојде во Скопје јасно кажа кон кого е насочен меморандумот, а Македонија како најнова членка на НАТО влезе во „друштвото“…
„Оваа чиста мрежа се однесува на зајакнат број и моќта на единство и солидарност наспроти доктрината на кинеската комунистичка партија… Мислиме дека можеме да ја контролираме судбината на 5Г и ќе ги водиме граѓаните кон безбедна и чиста иднина“,
кажа Кит Крач, потсекретар за економски раст на САД (23.10.2020)

„Ние, со овие законски измени ја исполнуваме одговорноста што ја имаме како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, да го следиме европските препораки и она што се вика ‘EU tool box’ за безбедност на следната генерација на мобилни. Овде би се поврзал, пред да се носат измените на Законот, ние потпишавме меморандум за соработка со САД….“,
рече министерот Шаќири.
Законските измени што влегуваат во собраниска процедура содржат одредби за тоа како ќе се проценува кој добавувач е доверлив, а кој не, кому да му се верува, а кому не.
„При проценка на профил на ризик треба да се земе предвид дали добавувачите и прозиводителите се под надзор на влада на друга држава без независна судска контрола, дали добавувачите и производителите имаат јавно доставени информации за нивните основачи, деловни соработници, како и органите на управување и раководење, дали добавувачите и производителите поддржуваат иновации и ги почитуваат авторските, сродните и индустриските права и дали тие се финансираат транспарентно, согласно најдобрите практики за инвестиции и склучување договори.
360°: Нормално е дека во законско решение не може да се таргетираат одредени компании, но, на глобално ниво, сета оваа работа тргна од тоа дека некои компании, поточно кинески технолошки гиганти, се проблематични во сферата на безбедноста. Дали имате некакви контакти со нив и какви се контактите со телекомуникациските оператори кои се тие што ја имплементираат оваа опрема на терен?
Очекувам да има дебата и мислење од нашите оператори, но ги уверувам граѓаните дека јас како министер за информатичко општество, а и според состаноците со операторите дека и тие сакаат овој важен процес да биде безбеден. И операторите се внимателни, а и вие споменавте дека во носење закон во општа постапка, ние никогаш не споменуваме одредена компанија. Во целиот процес поважна е безбедноста на мрежата. Со развојот на овој сообраќај, сакаме да имаме безбеден сообраќај“,
тврди Шаќири.
Откако Собранието, каде што и замина министерот, ќе даде „зелено светло“ за измените на Законот, телекомуникациските оператори во земјава ќе имаат законска обврска опремата за идната 5Г-мрежа да ја набавуваат од кредибилни производители кои нема, без судска дозвола, да им ги предаваат податоците за македонските граѓани на трети страни.
Уште во септември минатата година „360 степени“ информираше дека најголемиот телекомуникациски играч „Македонски телеком“ е во процес на набавка на нова опрема, меѓу другото, и за 5Г-мрежа и дека во тогашната тендерска постапка прворангиран беше токму кинескиот „Хуавеј“. Бидејќи речиси 35 проценти од акциите на „Телекомот“ се во сопственост на Владата на Северна Македонија, државните претставници во бордот на директори тогаш го отворија прашањето за можниот влез на „Хуавеј“ во идната 5Г-мрежа и потенцијалните импликации од таквиот чекор, антиципирајќи го потпишувањето на меморандумот со САД.
Сега, 4 месеци подоцна, повторно поставивме прашање до оваа компанија чиј мнозински сопственик е „Дојче телеком“. Дали „Македонски телеком“ ја заврши постапката за набавка на опрема за 5Г-мрежа и која е избраната фирма?

Уште пред 2 години Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд-план, со кој се утврдија целите за наредното десетлетие:

Покрај брзината, вториот клучен фактор во идната 5Г-мрежа ќе биде и безбедноста на податоците на нашите институции и граѓани – дека нема да бидат самоволно користени или злоупотребени од кои било страни или влади… Законите за национална безбедност во Кина речиси ги оневозможуваат кинеските технолошки гиганти да одбијат барање на властите во Пекинг за предавање чувствителни информации за кој било корисник на нејзината опрема. Затоа, овие компании стануваат дел од црните листи како недоверливи добавувачи.