„Пет деца ми одат на школо, а добивме еден таблет? Кој побрзо да учи од него?“, вели мајка од Шуто Оризари која никогаш не им го дала уредот на децата од страв дека ќе мора да го плати ако го искршат
Новото, второ полугодие, почна по старите правила кои уште во октомври ги наметна ковид-19 епидемијата. Настава во училиште, доколку сакаат, смеат да следат само децата од прво, второ, трето одделение и мал број од децата од другите одделенија кои учат во мали, подрачни училишта.
Сите други имаат три опции – работа со материјали, лекции на јавнот сервис и онлајн настава. Само последната опција вклучува интерактивна комуникација меѓу ученикот и наставникот.

И додека зимскиот одмор помина во дебата за најавените реформи во основното образование, илјадници ученици и во второто полугодие не добија шанса да се вклучат на час. Некои никогаш не добија таблет, на други им се расипа уредот или останаа без интернет, па се враќаат на последната алтернатива – еднаш неделно да земат печатени материјали од училиште и сами да учат дома.
„360 степени“ уште во октомври објави дека, на пример, во Шуто Оризари многу деца воопшто не следат настава. Сега се вративме кај истите деца за да провериме, дали нешто се смени на подобро.
Сам свој учител
Перијан од Шуто Оризари во октомври имаше таблет кој го добила од училиштето, но во првата недела од почетокот на учебната година не знаеше како да се вклучи на апликацијата Тимс. Така, донираниот таблет го користеше за да гледа видеа на „Јутјуб“ и „Тик-Ток“. Сега не го прави ниту тоа. Во меѓувреме таблетот и се расипал, без ниту еднаш да се вклучи на он-лајн настава.

За несреќата со таблетот не кажала во училиштето од страв дека ќе мора да се плати.
„Сега ги зема тие ливчињата од школо што ги даваат, па оди во едно здружение таму пишува домашна работа“,
објаснува нејзината мајка, Зубер Ферихан.
Семејството Ферихан не е единственото во чиј дом стасал таблет, но тој не бил употребен за настава. Алмедина Дубовиќ, мајка на пет деца, се плаши да им го даде единствениот уред кој го добила од училиштето.

„Пет деца ми одат на школо, а добивме еден таблет? Кој побрзо да учи од него? Не го користиме, ќе направат беља ќе го скршат ќе треба да им го плаќам. Не ни знаеме да како оди таа работа, ни го дадоа така празен. Планирам да го вратам во училиштето, што си е сигурно, сигурно си е“,
вели Алмедина Дубовиќ од Шуто Оризари, додека босоногите деца трчаат во дворот.
Децата на Алмедина не слушнале за кратките часови што се емитуваат на Македонската радио-телевизија. А сами, тешко учат.

„Одам еднаш неделно во школо земам материјали и дома ги пишувам, ама тешко ми е. Дел ќе пополнам од прашањата, дел не“,
вели шестоодделенецот Барјам, еден од синовите на Алмедина.
Додека едни добиле таблети, а не ги користат, други пак се уште чекаат на ред да добијат уред.
„Прашавме во школото, ни рекоа нема таблети одете кај градоначалникот. Што ќе ми прави мене градоначалникот? И од таму велат немало таблети“,
вели Резија Красниќи од Шуто Оризари.

Красниќи стравува дека нејзините деца нема да ја завршат годината. Бидејќи не го разбираат материјалот, вели, немаат ниту интерес да се фатат за книга. Не знае да им помогне ни таа, бидејќи како што вели – „јас сум тотално неписмена бре сестро“.
„Мислам дека годината ќе ја повторат. Не знам што ќе биде со овие деца. Како да учат самите? И да гледаме час на телевизија од кај да знам јас каде треба да отворат, на која страница, која задача. Имам две други ќерки, тие се помали и одат со физичко присуство. Со нив немам проблем, ама синовите по цел ден се на улица“,
вели Красниќи.
Колку деца во моментов немаат технички услови за онлајн настава е тешко да се процени, бидејќи освен уред треба и интернет.

Во Шуто Оризари, во најголем дел, проблемот се решава со донации во уреди и интернет ваучери од странски организации, амбасади и со средства од општината. На тој начин, основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ на почетокот од годината обезбедило 320 таблети за учениците и 60 компјутери за наставниците.
Но, донациите „секнаа“, па од околу 2 000 ученици, таблет во моментов немаат 632 деца. Дополнителен проблем е што ваучерите со интернет траеле до декември. Па сега, секој треба сам да се снаоѓа или таблетот да го врати.
„Бројката на тие ученици што останаа без интернет не е голема. Ако семејството каже дека нема шанса да обезбедат интернет тогаш таблетот се дава на друг ученик кој нема уред, а има можност да обезбеди интернет конекција. Се случува и некои семејства еден месец да имаат интернет, следниот немаат или им ја исклучиле струјата, па ја платиле итн. Се случува одреден период да не се вклучат, па кога ќе стават интернет пак да се вратат на онлајн час“,
вели директорот на училиштето Алвин Салимовски.
Салимовски објаснува дека овие деца продолжуваат да учат дома со печатени материјали од училиштето, a дел од нив одат и на дополнителна настава за време на викендите. Сепак, вели, факт е дека квалитетот на настава не може да биде ист.
„Нормално дека тие деца имаат потешкотии. Има фамилии кои живеат во импровизирани домови. Немаат основни услови за живот, а ние зборуваме за технологија. Нормално сега и самата настава е скратена и наставниците им даваат помалку материјал и домашни задачи, согласно програмата на МОН. Квалитетот на наставата не е ист, но и наставниците се трудат и наставниците што е можно повеќе да надоместат“,
вели Салимовски.
Другото основно училиште во општината Шуто Оризари, „26 јули“, обезбедило само дваесетина таблети преку донација од Град Скопје, што е далеку од доволно. На почетокот од учебната година од 2 067 ученици биле пријавени 500 деца кои немале услови за онлајн настава. Сепак, раководството тврди дека поголемиот дел од учениците си нашле чаре, па останале уште шеесетина ученици кои учат со печатени материјали.

„Ние аплицираме на многу проекти за грантови и слично, но не се такви самите проекти за ние да бараме таблети или лаптопи за ранливи категории. За се што е во доменот на наставата ние аплицираме. Со наш буџет купивме компјутери за наставниците, но средствата на училиштето се ограничени“,
вели педагогот Гордица Цветаноска.
Слични се проблемите и за поголемите ученици.

Во средното училиште во Шуто Оризари, „Шаип Јусуф“, дел од учениците што немаат уред за онлајн настава одат во школото и ги слушаат наставниците кои држат онлајн час. Другите, еднаш неделно земаат печатени материјали и учат од дома.

„Бројката на ученици кои немаа ИТ уред не беше голема, но ние како институција на најголемиот дел им дадовме таблети кои ги поседувавме во сопственост на нашето училиште, а другиот дел од само неколку ученици го прераспределивме да доаѓаат со физичко присуство или пак морам гордо да истакнам дека имаше солидарни ученици кои меѓусебно си помогнаа со позајмување на уреди и овој проблем се надмина. Донација од околу 15 тина ИТ уреди целосно би излегла во пресрет на нашето училиште“,
вели директорот на училиштето Доан Сулејмановски.
Слика има тон нема
Наставата не оди лесно ниту со учениците кои имаат дигитални уреди. Но, дел од наставниците тврдат дека со искуството се подобруваат.
За наставникот по музичко, Неврус Бајрам, од училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ најголем предизвик бил преку камера да ги учи децата на основите за свирење инструмент.
„Навистина е тешко бидејќи бара екстра талент и од учениците да можат да ја примат информацијата преку камера и звук од лаптоп, а истовремено и наставниците да имаат екстра талент за да ги слушаат децата, за да ги поправат итн. За почетници што учат инструмент онлајн е невозможно да имаат поголем резултат за кратко време бидејќи е почетник. Тогаш треба да му покажеш одблиску, да му покажеш како да ги намести прстите итн. Ти ќе му покажеш ќе се доближиш до камерата, меѓутоа тоа е далеку понеквалитена настава од нормалната настава“,
вели Бајрам.
Бајрам вели дека на техничките проблеми веќе се навикнале и смета дека првото полугодие било искуство и за учениците и за професорите, па вели наставата тече полесно.

„На почетокот имавме многу проблеми додека сите да ги вклучиме во оваа приказна. Ни се случува често и да падне интернетот да се укочи сликата или кај мене или кај учениците. Па ајде прашања до каде бевме, се враќаме од почеток итн. Да кажеме дека сме навикнати, се имаме фатено за орото и го тераме како што е. И професорите даваат се од себе за да им го олеснат патот на учениците“,
вели Бајрам.
Мака мачат со технологијата и учениците во училишта надвор од Шуто Оризари.

„Секој ден по некој ученик кај нас фали на час. Најмногу проблем имаше пред Нова година, не можевме да се вклучиме на час. Ти се обидуваш да „влезеш“ во училницата меѓутоа системот те исфрла поради лоша конекција“,
вели Пакизе Селман, средношколка од Шуто Оризари.
Селман е трета година во средното медицинско училиште во Скопје. Фармација учи од телефон бидејќи лаптопот го користат нејзините браќа.
Таа вели нема проблем да учи онлајн бидејќи е одлична ученичка и е навикната редовно да учи. Сепак, посочува дека не е исто како порано, бидејќи голем дел од часовите се губат поради техничките проблеми.
„Секако професорот помалку може да ни обрнува внимание. Цело време препрашуваат „се слушаме, не се слушаме“, има ученици кои се зафркаваат се приклучуваат на час, а не се појавуваат пред камера. Приклучен е на час, но ученикот го нема, тој можеби некаде си шета. Или ученици ќе се вклучат кога се запишува кој е присутен на час и после ги нема. И така губиме голем дел од часовите“,
вели таа.
Ромите се најпогодени
Според бројките на Министерството за образование и наука (МОН) за првото полугодие, од првичните 40 000 ученици останале уште 8 000 кои немаат ИТ уред.
Од МОН уверуваат дека заедно со училиштата и општините работат на решенија за секое дете да добие шанса да се вклучи во онлајн наставата и дека бројот на оние што немаат услови се намалува.
Но, додаваат и дека сите ученици се на некаков начин вклучени во образовниот процес.
„За финансирање на пренесените надлежности во основното и средното образование, општините, како основачи на училиштата, добиваат средства определени како блок дотациите од буџетот на Министерството за образование и наука. Дополнително, општествено одговорните компании, во координација со МОН и локалните самоуправи, донираат ИТ уреди за учениците. На ниту едно дете не му е скратено правото на образование, ниту пак имало прекин во едукацијата. Сите ученици беа и се вклучени во воспитно –образовниот процес преку една од формите на настава кои ги понуди хибридниот модел на образование кој го креиравме пред почетокот на школската година и кој потврдено е дека успешно функционира“,
велат од МОН.
Иако не прецизираат со точни бројки, од МОН велат дека недостигот на ИТ уреди е поизразен во општините каде Ромите се мнозинско население.
Тоа е проценка и на невладиниот сектор. Од здружението „Романо Чачипе“, кое теренски „лови“ и помага на семејства од социјален ризик, критикуваат дека од целата приказна повторно „извисија“ најранливите категории на граѓани.

„Со години се работи на тој проблем – децата Роми во образованието, децата од улица и така натаму. Но, веќе 15-20 години ние никако да го решиме тој проблем. И станува дури банално. Имаше и Декада за Роми, еден куп проекти и бројки се кажуваа како се и сешто било направено, но заедницата секогаш е тука и никако да се помрдне напред“,
вели претседателот на „Романо Чачипе“ Сеад Исамил.
Според Исамил, кој своевремено бил и во политиката и во невладиниот сектор, државата потфрла во решавање на корените на проблемот.
„Ние имаме семејства кои се без никаков документ. Значи за тоа дете да оди во школо треба да се вакцинира и слично, а тоа практично не постои за државата. И сега вие тоа дете сакате да учи онлајн? Значи не е проблемот само да се даде таблет, ова е еден синџир со проблеми и едно води кон друго. Треба да се реши изворот на проблемот, домувањето, условите за живот итн“,
вели Исамил.
Деца „фантоми“
Недостигот на основни услови за живот се рефлектира и врз редовноста на учениците во школо.
Во училиштето „26 јули“, во дневните списоци за присуство, речиси редовно фалат ученици. Кога едно исто дете долго време го нема на час, екипа од училиштето треба да го посети дома и да види што е причината, што во услови на ковид-19 е дополнителен проблем.

„Оние кои континуирано не се вклучуваат на час ги посетуваме дома и често по нашата посета се вклучуваат. Но, знаете како, во услови на ковид-19 и оваа наша обврска направи радзор меѓу кадарот. Имаше забелешки на пример – зошто токму јас да одам на терен? Јас сум ризична категорија, хронично болен, возрасен итн“,
вели педагогот Гордица Цветаноска.
Цветаноска посочува дека и не секогаш нивните посети кај семејствата вродиле со плод. Според неа, недостига институционална соработка, бидејќи вели постапките што ги покренале за одредени случаи немале ефект.
„Ќе одите ќе го посетите ќе видите детето живее во беда и што да правиме ние, да го оставиме неоценето? Им носиме материјали, гледаме да им помогнеме колку-толку да напишат некоја задача за да ја поминат годината. Се молиме со нив. Проблемот лежи и во самите семејства. Некаде и самите родители им велат на децата „што ќе учиш и онака ќе се мажиш“. И ни се случило, имавме ученичка од деветто одделение, ни кажаа децата дека се омажила. Ние проверивме и пријавивме, меѓутоа најчесто сето тоа застанува некаде, односно на крајот само ќе се утврди, на пример, дека се омажила и толку. Епилогот е тој, тоа девојче не се враќа во школо. Секако мислам дека со годините работите малку се подобрени, но цела работа пак паѓа на нас“,
вели Цветановска.
За поефикасно следење на редовноста на учениците треба и кадар, посочува директорот на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“, кој потенцира дека во училиштето има четири медијатори за 2 000 ученици.
„Не можеме во еден ден да ја завршиме таа работа. Процесот трае малку подолго поради големиот број на ученици, но успеваме да се справиме. Тоа не се ученици кои постојано отсуствуваат. Тоа се ученици кои не се вклучуваат на час од разни причини поради проблеми со интернет и слично. Се случува одреден период да не се вклучат, па кога ќе стават интернет пак да се вратат на онлајн час“,
вели Салимовски.
Исти се проблемите и во внатрешноста од земјава. Во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, дури 85 отсто од учениците се Роми, а голем дел од нив се од ранлива категорија.

„Голем дел од учениците отсуствуваат. Сметам дека во вакви училишта каде повеќето се ранливи категории треба да се зголемат капацитетите на педагошко-психолошката служба, бидејќи специфично е да се работи со тие деца. Ние сме праќале и по безброј покани за отсуство до родители за да дојдат на советување. Значи бројни се проблемите кај нас“,
вели директорот на училиштето Робер Филиповски.
И тука најголем дел од опремата за онлајн настава се обезбедува со донации, па во моментов има околу шеесетина деца кои немаат таблет.
Активисти кои помагаат во опремувањето и обука на ученци потенцираат дека пандемијата не смее да биде изговор за проблемот со децата што не одат во школо. Фатма Бајрам-Аземовска од Здружението „Сумнал“ вели дека ковид-19 треба да биде лекција за државата, конечно да создаде услови за еднаков пристап до образование.

„Потфрла системот, институциите, родителите. Сите сме неорганизирани и затоа настана овој хаос. Ние се потрудивме да им дадеме и таблети и картички за интернет. Но, мора да се работи постојано да бидеме до целната група. Сите велиме сега е пандемија и чекаме да заврши пандемијата, но мораме да се координараме. Ако гледаме дека децата не одат на школо треба да се види зошто, каде се проблемите. Ако ги нема децата онлајн, каде се тие деца, што прават? Да има систем на следење, ако треба да се изречат и казни. Ако се приматели на социјална помош, на пример, може да го условиме семејството со таа помош со одењето на училиште. Од аспект на контролата на терен мислам дека засега такво нешто нема“,
вели Фатма Бајрам-Аземовска.
Кој сака да учи во „гето“?
Дел од невладиниот сектор потенцира дека учениците Роми од семејствата од социјален ризик и натаму се дискриминирани деца. А, колку во тоа допридонесува и државата се гледа по дел од училиштата.
Битолското училиште „Ѓорѓи Сугарев“, на пример, е на пат да стане чисто ромско училиште. Таквата концентрација ги одбива дел од родителите на децата од другите националности своите деца да ги запишуваат таму.
Според директорот Филиповски, проблем е што не се почитуваат правила за реонизација и запишување на учениците во школо според местото на живеење.
„Кај нас има и Турци, Македонци и Албанци, но најголемиот дел се Роми. Таа дискриминација постои. Ние имаме прекрасен наставен кадар, но имаме потешкотии поради структурата и има проблем што учениците од македонска националност од овој регион се запишуват во други училишта. Не е добро, зборуваме за мултикултурализам, а од друга страна едно училиште се претвора во етничко училиште“,
вели Филиповски.
И дел од активистите потенцираат дека тоа се коси со заложбите за интеграција на ромското население во образованието и општеството.
„Има дури и ученици Роми од подобро ситуирани семејства кои не сакаат да учат опкружени само со Роми и одат во други училишта, што е нормално. Кој сака да учи во „гето“? За жал ситуацијата е таква, но не можеме па и вештачки соживот да создаваме. Не можеме вештачки да ги вратиме другите заедници овде ако тие не сакаат. Кога веќе не се почитува реонизацијата, треба да се работи на квалитетот да се информира јавноста дека училиштето може да понуди квалитетна настава, инфраструктура и така натаму. Луѓето да сакаат да ги запишат своите деца таму, бидејќи навистина таму има одличен кадар“,
вели Бајрам-Аземовска од „Сумнал“.
За сите училишта да понудат добри услови, програма и кадар требаат инвестиции и политичка волја. До тогаш оние деца кои имале повеќе среќа ќе бираат каде, со кого и како ќе учат, додека најзагрозените ќе останат на маргините како пред пандемијата така и после неа.