Опуштено изборно попладне пред седиштето на СДСМ. Меѓу првите, еден час пред затворањето на избирачките места, пристигна кандидатот за преседател Стево Пендаровски.
„Очекувам поголема предност и победа. Мислам дека луѓето кои во првиот круг останаа дома од одредени причини ќе се приклонат кон овој концепт заради содржината на концептот.“ – рече тој.
Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири беше задоволен од одзивот на етничките Албанци.
„Излезноста во сите тие општини некаде е покачена, некаде е иста како што беше во прв круг, но тие гласачи секако гласале за нашиот претседателски кандидат.“ – смета Зекири.
Првите тенденции за исходот ги објави генералниот секретар Александар Кирацовски.
„Стево Пендаровски е во водство и очекуваме победа.“ – изјави Кирацовски.
Меѓу двата изборни круга, Кирацовски се најде меѓу повиканите од премиерот Зоран Заев да си ги повлечат роднините вработени во државна служба.
Од оние што беа поврзани со вас кои се повлекоа?
„Сите се повлекоа. Сите буквално.“ – одговори тој.
Информациите дека Пендаровски води со неколку десетици илјади гласови беше доволна за симпатизерите да почнат да слават.
„Вечерва е избран најдобриот иден претседател и еден од претседателите кој не ги дели Албанците, Ромите, Турците, муслиманите и што и да се случува се ќе биде во ред.“ – рече Беким Скендери.
А кога победата на Пендаровски веќе беше извесна тој на шега, за да се смири вревата, од говорницата рече „Слушајте го врховниот командант.“
По првиот круг Заев најави „метла“ за кадрите кои придонеле за слабиот резултат што, најверојатно, придонесе за поголема мобилизација во вториот круг.
„Да, ќе има промени во извршната власт.“ – вели Заев.
На говорниците им аплаудираа и неколкумина високи функционери на ДУИ. Меѓу нив не беше лидерот Али Ахмети. Потпретседателот Изет Меџити рече дека ги обезбедиле ветените над 80 илјади гласа.
Најавено е дека „чистката“ ќе важи и за ДУИ.
„Тоа е тема за која зборуваат двајцата лидери и ако има потреба – зошто да не.“ – одговори Меџити.
Многумина ја искористија шансата да се фотографираат со новиот претседател.
Како се чувствувате?
„Не му личи на врховен командант да биде уморен ама страшно сум уморен. Уморен но и задоволен, на крајот сепак се исплатеше трудот.“ – рече Пендаровски.
Веднаш по прогласената победа партиското седиште го посети францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
„Претседателот сега е претседател на сите Македонци, а бидејќи јас сум акредитиран кај него, тука сум за да ви помогнам за се што треба на патот кон Европа. Сега треба да се фрлиме на работа и ќе работиме.“
Кога може да очекуваме датум за преговори?
„Тоа е покомплицирано. Но и тоа е на добар пат. Тоа е се што можам да ви кажам.“ – рече Тимоние.
Тој си замина, но продолжи веселбата пред партиското седиште.
Напишете коментар