Од Велика Британија и Данска, преку Германија и Холандија, до Полска и Чешка, полицијата се справува со изливот на гнев и незадоволство на граѓаните
Во многу европски земји со месеци се во сила строги ограничувања, што заедно со бавната кампања за вакцинација, но и појавата на нови варијанти на вирусот, резултира со гнев и протести.
Од корона-немирите најсилно е погодена Холандија, во која има големо незадоволство поради воведувањето на ноќниот полициски час, кој почнува од викендот. Стотици млади луѓе протестираа во неделата, но и синоќа, при што се регистрирани и напади врз полицијата во Амстердам, Ротердам и Хаг.

И британската полиција имаше многу работа за викендот. Со кучиња и хеликоптер, лондонската полиција прекина една нелегална забава со 300 гости, при што на самото место, 78 лица мораа да платат казна од 200 фунти за кршење на прописите во време на пандемија. Некои избегнаа казна бегајќи се преку ограда. Една недела претходно, полицијата прекина забава со 200 гости.

И во Германија, во неколку сојузни провинции, полицијата прекина помали забави и поднесе обвиненија.

Во Данска, три лица се уапсени откако запалија кукла-макета со слика од премиерката Мете Фредериксен за време на протестите, одржани викендов, против строгите мерки. Инцидентот доби уште поголема тежина и поради натписот што стоеше на неа: „Таа мора да биде убиена“.
Во Полска, угостителите и туристичките работници протестираат против продолжувањето на рестриктивните мерки. Претставници на повеќе од сто хотели, ресторани, барови, како и многубројни претприемачи од забавната индустрија, минатата недела заедно излегоа на Твитер најавувајќи дека повторно ќе започнат со работа. Тие сметаат дека се во право врз основа на пресудата на Управниот суд во полскиот град Ополе, според која делумниот карантив е воведен без механизмот предвиден во полскиот Устав.

Сопствениците на десетици ресторани и кафулиња во Чешка, пак, се побунија против владините мерки против пандемијата, кои треба да останат во сила најмалку до средината на февруари. Тие ги отворија своите врати за гостите во неделата, иако им е дозволено да доставуваат само храна за носење. Полицијата поведе неколку прекршочни постапки, а предвидени се и казни до 800 евра.