Истрагата доаѓа по написите „Њујорк тајмс“ и „Волстрит џурнал“ дека поранешниот претседател Доналд Трамп се обидел да го искористи Министерството за правда за да ги оспори резултатите од изборите
Американското Министерство за правда ќе истражува дали некој службеник во одделот се обидел да ги поништи резултатите од изборите и победата на претседателот Џо Бајден.
„Канцеларијата на генералниот инспектор Мајкл Хоровиц започнува внатрешна истрага дали некој поранешен или актуелен функционер во Одделот за правда се обидел да го смени резултатот од претседателските избори во 2020 година“,
објавија денеска од Министерството.
Истрагата доаѓа по написите „Њујорк тајмс“ и „Волстрит џурнал“ дека поранешниот претседател Доналд Трамп се обидел да го искористи Министерството за правда за да ги оспори резултатите од изборите, обид што вклучува и можност Трамп да го смени тогашниот вршител на должноста јавен обвинител Џефри Розен.
„Тајмс“ во текс објавен во петокот истакнува дека Џефри Кларк, поранешен заменик-јавен обвинител речиси го убедил Трамп на почетокот на овој месец, да го отстрани Розен и да го искористи Одделот за да ги поништи резултатите од изборите во Џорџија.
Кларк, кој застана зад лажните тврдења на поранешниот претседател за изборни измами – се сретнал со Трамп во јануари, по што му соопштил на Розен дека ќе биде сменет и на негово место ќе дојде лично тој, за да го спречи Конгресот да ги потврди изборните резултати во корист на Бајден, напиша весникот.
Розен притоа побарал лично од Трамп да го чуе ова и договорил состанок вечерта на 3 јануари – истиот ден кога беше објавен и разговорот на Трамп со државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, во кој тој врши притисок врз него да обезбеди прегласување во оваа сојузна држава.
Кларк одби да го коментира написот за американските медиуми. Тој повеќе не е дел од Министерството – што може да претставува проблем за Хоровиц доколку сака да разговара со адвокатот, бидејќи тој нема надлежност да повикува на разговор лица кои не се вработени во администрацијата.