Трајко Вељаноски наскоро треба да седне на обвинителна клупа како дел од групата обвинети за организација на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, откако денеска Основниот кривичен суд – Скопје објави дека во целост е прифатено обвинението на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Вељаноски, заедно со ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, се товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Овој случај ќе биде првиот во историјата на македонското судство од независноста, во кој на обвинителна клупа ќе седне поранешен претседател на Собрание – човек кој бил на чело на институцијата која е носител на законодавната власт или еден од првите луѓе во државната хиерархија. Вељаноски беше претседател на парламентот во три мандати во периодот од 2008 до 2016 година.

Ниту еден од неговите претходници или наследник досега не влегол во судница како обвинето лице. На таа функција од 1991 година до денеска биле седуммина: Стојан Андов (од 1991 до 1996 и од 2000 до 2002 година), Тито Петковски (од 1996 до 1998), Саво Климовски (од 1998 до 2000), Никола Поповски (од 2002 до 2003), Љупчо Јордановски (од 2002 до 2006), Љубиша Георгиевски (од 2006 до 2008) и Талат Џафери (од 2017 – сè уште).
Вељаноски по отстапувањето на претседателската фотелја на Џафери остана во Собранието, но како пратеник. Токму оваа функција и пратеничкиот имунитет го спасија од притвор уште кога Обвинителството ја водеше истрагата за организаторите и нарачателите на „27 април“. Притворот за него во февруари лани се бараше поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, но по жолчна расправија на пленарна седница Собранието го проби рокот за гласање и Вељаноски си го задржа имунитетот.
Вељаноски досега негираше каква било поврзаност со организација на „крвавиот четврток“, а неговиот телефон, пак, беше одземен од Обвинителството за вештачење.
Детали за обвинителниот акт против Вељаноски и останатите тројца обвинети, кој е прифатен и за кој треба да почне судењето, можете да прочитате ТУКА.
Но, името на екссобранискиот спикер се споменуваше и во сведочењата и исказите на обвинетите во претходниот најобемен судски предмет за „27 април“, каде што меѓу осудените беше и шефот на неговото обезбедување, Горан Ѓошевски-Леви.
Вељаноски во тој случај беше повикан како сведок, а на разните прозивки од неколкумина обвинети таму ги отфрлаше наводите.
„Јас сум овде како сведок и сум под заклетва дека ќе ја зборувам само вистината. Има и кривично дело за лажен исказ. Знам дека обвинетите за да се одбранат може да зборуваат невистини и озборувања, затоа што не одговараат според Кривичен законик за тоа. Ниту сум помислил ниту сум кажал некому да ги отвори вратите. Јас сум бил претседател 9 и пол години и знам што значи институцијата Собрание“,
се бранеше тогаш Вељаноски од прашањата што му ги упатуваа Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Игор Југ и др.
Дали и колку од нив сега во процесот против Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски ќе се појават во улога на сведоци ќе покаже судскиот процес. За да се закаже почеток на судењето, прво ќе треба предметот преку електронскиот систем АКМИС да се распореди кај надлежен судија.
Во групата со четворицата обвинети, Обвинителството ги смести и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но Обвинителството ја запре постапката за нив додека не станат достапни за македонските органи.