Ниту има доволно инспектори ниту комплетна опрема за нормално вршење на работата. Сепак, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) бележи пораст во бројот на надзори и изречени мерки откако на местото на Фејзула Спахија од ДУИ застана Ана Петровска од ДОМ.
Невладините предупредуваат дека е неопходно Инспекторатот да се доекипира и да е достапен 24/7, оти цели региони се без надзор. Петровска, пак, вели дека има само 17 инспектори за животна средина, од кои 5 пред пензија. Таа очекува засилување со следниот ребаланс на буџетот. Проблем е и што голем број општини немаат овластен локален инспектор.
Шефицата на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) влегува во вонреден надзор на депонијата „Дрисла“ кај Скопје.

„Дрисла“ е една година под капа на Град Скопје, како јавно претпријатие. Директорот доби образложение на што се должи ненајавената посета.
„Да спроведеме анализа на количините на отпад и изворите од каде доаѓаат тие отпади во депонијата ‘Дрисла’, со цел да можеме да направиме споредба дали сѐ она што се генерира се носи во ‘Дрисла’ или завршува на некои неуредени локации“,
реферираше директорката на ДИЖС, Ана Петровска.

Чешлањето на документацијата траеше со часови. Следниот ден Петровска заедно со уште еден инспектор замина во вонреден надзор на „Балкан енерџи груп“ за да се расчистат сомнежите дали БЕГ користи мазут.
„Согласно закон, инспекторите имаат право во кое било време да дојдат на надзор. Дали редовен, најавен или вонреден, ненајавен како што е денеска случај и главно правните субјекти се свесни за реперкусиите доколку направат проблем или не дозволат пристап до службени простории, до постројки и до документација“,
објаснува Петровска.

Но, тоа не е случај со медиумите. Овде, ненајавени, не добивме дозвола да влеземе, па инспекторите сами се упатија внатре. По неколку дена, се вративме во Инспекторатот, сега сместен во палатата „Емануел Чучков“, за да прашаме што покажаа контролите во „Дрисла“ и во БЕГ.
„Разбравме дека една компанија за медицински отпад, во меѓувреме, не си ги подмирувала своите обврски кон ‘Дрисла’ и автоматски таа компанија, која веројатно има склучено договори со други правни лица, ќе треба да биде предмет на надзор. Значи, генерално, има веќе некои првични податоци. Би била пресреќна ако ништо не се случува, но, секако, мора да провериме.
– 360°: Но, што ако се случува, до каде се вашите ингеренции?
Е, ако тоа се случува, тогаш тие транспортни компании ќе бидат предмет на детален инспекциски надзор, каде што ќе ги чешламе транспортните формулари, бидејќи тие формулари се тој доказен материјал кој може нас да ни утврди дека има одредена неправилности“,
вели шефицата на ДИЖС.
За Топлификација, работата е појасна.
„Тие проформа прават тендери секоја година. Нема мазут ниту, пак, мазут бил горен, согоруван во ‘Балкан енерџи’ од 2013. Тоа го поткрепивме со документација од Регулаторната комисија и многу се радувам кога можам ваква информација да споделам со јавноста“,
тврди директорката.

Петровска е на чело на Инспекторатот за животна средина од крајот на октомври минатата година, а нејзините вонредни надзори привлекоа интерес кај медиумите. Вели дека повеќе постапува по пријави на граѓани. Но, дали генерално контролата врз загадувачите на животната средина е зголемена, проверивме низ статистиката на институцијата.
2020-та е најдобрата во изминативе пет години работа на Инспекторатот, ако се гледа само бројот на надзори. Имало вкупно 2 113 инспекции, редовни и вонредни. Тоа е значително повеќе од 2019-та, но е во рамките на просекот од претходните години.

Но, ако се земе само 2020 година, видливо е дека повеќе се работело на крајот на годината. Во периодот јануари-октомври имало во просек по 125 редовни надзори месечно, додека во ноември и декември тој просек изнесува 127,5. Но, затоа, ако просечниот број на вонредни надзори во првите десет месеци бил 25, во последните два месеца тие се двојно почести, по 50 месечно – што коинцидира со доаѓањето на Петровска за директорка. Речиси за трипати се зголемил и просечниот број на мерки што ги изрекуваат инспекторите.

Од невладината „Еко свест“, кои активно ја следат работата на Инспекторатот, сметаат дека тие немаат капацитет за поголем обем на работа.
„Имаме само еден инспектор во Општина Охрид, Струга и целиот тој регион, што е многу малку, бидејќи во тој регион има многу пријави по кои е надлежен Инспекторатот за животна средина. Значи, зголемување на бројот на вработени кои би можеле да излезат на терен, можеби измена на смените во кои работи ДИЖС, бидејќи не може да одбираме кога се случува тоа за да се јавиме и да пријавиме и никој да не крене слушалка доколку е во 1 часот навечер, на пример“,
предупредува Елена Николовска од НВО „Еко свест“.

Петровска ги признава недостатоците и вели дека ќе се бележи успех само доколку истовремено се работи на три важни прашања.
И повеќе луѓе, и повеќе обука, и повеќе соработка.
Институцијата има вкупно 17 инспектори за цела држава, од кои 5-мина се пред пензија. А, надлежни се да постапуваат по 25 закони и околу 250 подзаконски акти.
„Во Североистечниот плански регион воопшто немаме инспектор, ми го покриваат делумно колеги од Скопје, делумно од Пробиштип.
360°: Дали тоа значи дека можеби загадувачите се покомотни во моментот бидејќи нема кој да ги контролира?
А, не, не би сакала да шпекулирам на тој начин. Колку сме толку сме, максимално сме посветени“,
уверува Петровска.

Сепак, дека кадарот не е доволен говори и тоа што Инспекторатот веќе бара засилување од Владата. Новите инспектори неопходно е што побрзо да се добијат оти ќе треба барем една година да се дообучат во соодветна област.
„Јас скромно започнав со осум нови инспектори, меѓутоа, всушност, сега гледам дека мене ќе ми требаат повеќе од осум. И еднаш кога ќе го имаме тој заклучок, јас веднаш ќе го предадам во финансии планот за вработување и ако тоа заврши, тоа ќе значи дека со првиот нареден ребаланс на буџетот јас ќе добијам дополнителни средства за овие вработувања. Инаку, во овој момент, јас немам финансиски средства за нови вработувања“,
алармира Петровска.
Но, не само кадар – Инспекторатот нема ниту соодветна лабораториска опрема. За да не се потпира не мерењата на самите загадувачи, иако тие се обврзани на тоа, во тек е јавна набавка за ангажирање фирма што ќе ги врши мерењата на терен на повик на Инспекторатот за животна средина.
„Јас сакам да го задржам тоа право да провериме секаде каде што сметаме дека е неопходно, со наша лабораторија која набрзо ќе ја ангажираме, и оваа година, се надевам, со помош на тие лабораториски мерења, да бидеме поблиску до сознанието навистина кој е тој што нѐ загадува. Во однос на друга опрема, знаете, гореше Инспекторатот, испогореа сите компјутери, заштитна опрема ни испогоре, обновуваме, наскоро ќе се екипираме во тој дел, серверите ги повративме и хартиената документација полека, полека си ја обновуваме. Значи, се враќаме во форма“,
вели директорката.
Од невладината „Еко свест“ забележале придвижување на работите во Државниот инспекторат за животна средина и зголеменото присуство во медиумите. Николовска потсетува дека инспекторите се платени за тоа и дека должност им е да ги контролираат загадувачите. За неа е важен крајниот исход од надзорите.
„Тесна соработка со општините и на крајот на краиштата треба да постои некаква тесна соработка со Министерството за внатрешни работи, затоа што по одредени пријави ќе треба да се постапи кривично. Тоа е цел еден синџир којшто веруваме дека може да се подобри, не во текот на една година, туку во текот на работењето за три месеци, само да се постават работите како што треба и институциите едноставно да соработуваат меѓу себе. Без соработка, нема ништо да се постигне и нема да мрднеме од мртва точка, сѐ ќе се сведе само на изнесување на работите во медиуми“.

Сепак, синџирот на институции тешко дека за толку брзо време ќе профункционира.
„Со полицијата можам да кажам дека за сѐ што сум се обратила ми било излезено во пресрет. Со општините, не можам да кажам дека сум целосно задоволна. Причината е што голем број општини воопшто немаат и овластен инспектор“,
вели Петровска.
Без разлика дали има волја за подобрување на работата, ако државата сака да биде дел од европското семејство, ќе мора да се приспособува. Европската комисија бара Северна Македонија до крајот на јуни да го донесе Законот за инспекциски надзор во животна средина. Петровска вели дека со ресорното министерство ја привршуваат нацрт-верзијата, за законот набрзо да се пушти во владина процедура
„Но, дали тоа дополнително ќе значи подобрување на нашата работа, конкретно, веројатно да, но во моментот мислам дека ние имаме доволно законски овластувања, нема некоја сериозна пречка навистина да се бориме со загадувањето“,
тврди Петровска.
Пречка нема, но од каде да се почне? Инспекторатот успеал да наложи покривање на неколку отворени депонии, во исчекување да заживеат регионалните депонии. Се бара трајно одземање на дозволите за уредување на реките за оние што ги злоупотребиле за да крадат речен песок. Прагот на загадувањето на воздухот деновиве беше надминат во повеќе општини. Сите овие области се приоритет на Инспекторатот, но работите нема да се сменат преку ноќ.
„360°: На скала од еден од 5, како ја оценувате животната средина?
Ох, мајко мила, тоа е многу тешко прашање. Не сум задоволна, значи има многу работа во екологијата и тоа е, треба да си ги засукаме ракавите и да си сработиме“,
вели директорката.