Според документот, кој е Урбанистички план за надвор од населено место, комплексот е поделен на 4 блока. Во Блок 1, кој го опфаќа брегот на езерото, може да има спортски терени, аква-парк, игралишта, ботаничка градина, а мал процент може да биде и за дуќани или хотели. Во Блок 2 се планирани викенд-куќи кои ќе треба да се градат од дрво и камен, со почитување на шумскиот фонд.
Во Блок 3 примарно е предвиден хотелски комплекс, но 40 тосто од просторот може да биде и за мали и големи трговски единици, култура, здравство. Нема да се гради на целиот простор бидејќи под дел од блокот се бунарите Треска-Лепенец. Во Блок 4 е предвидена градба на трговски центар.
Секој вработен скопјанец или скопјанка на крајот на 70-тите години одвоил дел од платата за да се изгради езерото Треска. До средината на 90-тите години рекреативниот центар, направен со самопридонес, ја имаше својата оригинална намена.

Но, во 1998 година езерото доби забрана за капење поради проблеми со филтрирањето на водата. Најупорните продолжија да доаѓаат, но деновиве, по 43 години од изградбата, дојдоа и багери.

Се уриваат постојните објекти околу езерото. А камперите добија 60 дена за да ги отстранат приколките.

„Тоа беше изненадувачки за нас, и тоа е. Фактички, ги погоди сите кампери и не само камперите, туку и граѓаните на градот Скопје“,
рече Гиновски
Причината за рушењето на објектите и отстранувањето на приколките, според Општина Сарај, е планот за „слободна туристичка зона“. Оваа локална самоуправа го доби центарот на управување од Град Скопје, со одлука на владата на Никола Груевски во 2013 година. Владата на Заев, пак, во 2019 година почна процедура, со што се дозволи дел од земјоделското земјиште во околината да се трансформира во градежно. Тоа што централната власт ѝ го даде на хартија, Општината Сарај сега сака да го спроведе на терен.

Зградите не можат да зборуваат, но камперите Аце Гиновски и Љубиша Димковски велат дека нема да ги отстранат своите приколки.
„Сметаме дека е направена грешка уште во тоа време, во претходната влада, и затоа сега инсистираме таа намерна или ненамерна грешка да се исправи. Тоа е незаконски. Зашто незаконски? Затоа што овој локалитет е на граѓаните на градот Скопје и тука завршува сѐ“,
вели Гиновски.
„Камп-приколката нема каде да ја дислоцирам бидејќи со наредба од Град Скопје приколките се донесени овде. Ако е со одлука да се дислоцира, да, но треба и да нѐ обесштетат. На еден начин ова, Рекреативниот центар ‘Треска’, е направен со наши пари“,
рече Димковски.
Љубиша вели дека се разочарани и од управувањето на Општината Сарај со езерото Треска, иако редовно плаќале за тоа. Низ годините многу приколки биле ограбувани, а повеќе не се води грижа ниту за безбедноста и чистотата

„Додека беше под ингеренции на ‘Паркови и зеленило’ имавме чуварска служба, одржување на зеленилото, косење на тревата, полевање на зеленилото, одржување на санитарните јазли. Сега, откако прејде под ингеренции на Општина Сарај, малтене за 100 посто, а за возврат го изгубивме и тоа што го имавме“,
вели Димковски.
Гиновски бара од надлежните институции да испитаат каде завршиле нивните пари што ги плаќале за користење на просторот во рекреативниот центар.

„Каде одат тие средства, кој ги зема, под кој налог, кој го издал тој налог, дали е валидно, невалидно, затоа бараме МВР, го потенцирам министерот, да си пушти луѓе да го преиспитаат тоа. Го повикуваме и јавниот обвинител, значи сметаме дека јавниот обвинител е должен во вакви услови, во ваков вандализам, во вакви кражби, потенцирам, кражби невидени. Зашто? Затоа што господинот Сабаудин со господинот Аки, претходниот директор, 5 години немаме чувари. Чувари да се нема, а во договорите многу јасно си стојат нивните обврски, нашите обврски, од сето тоа нула“,
вели Гиновски.
Колку што сопствениците на приколките се одлучни дека нема да заминат од кругот на езерото, толку и градоначалникот на Сарај е одлучен дека ќе ги дислоцира ако самите не си заминат. Рокот истекува за околу еден месец.

„Вие како медиум и многу други медиуми континуирано информиравте дека ништо не се прави на езерото и сега дојдовме на стадиум и навистина се чини дека се презема и, како што понатаму правните процедури ќе ја одредат оваа работа, сакам да кажам дека станува збор за инвестиција што според моите информации не постои во регионот“,
вели Беџети
На обвинувањата на камперите дека плаќале, а не добивале услуги како јавна чистота и безбедност, Беџети одговара со контраобвинувања.
„Над 50 корисници ги тргнаа, денес ги тргаат приколките и секој ден ги тргаат. Има една мала група гласна, еве како пример ќе го земам тој што е избран како нивен претставник, тој нема камп-приколка. Тој има направено класична узурпација, тоа го има направено со железна конструкција и ова не поминува, како што и други работи не поминуваат. Граѓаните на Општина Сарај сакаат развој и не може 20-30 луѓе да ја диктираат мојата политика“,
вели Беџети.
Сопствениците на камп-приколките велат дека разговарале и со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Градскиот татко во петокот рече дека Треска е на некој начин државен проект и дека не е во негова надлежност. Не се спротивстави на идејата на неговиот колега Беџети за езерото, но има забелешка за пристапот.

„Мислам дека тие луѓе што таму имаат приколки со години, децении, требало да бидат викнати и да им се објасни концептот. Мислам дека таму има доволно капацитет да може една таква населба, можеби на друга локација, да биде сместена заради потребите на реализација на комплексите“,
рече Шилегов.
Додека сите знаат што се руши, сѐ уште не е јасно што точно ќе се гради. Градоначалникот на Скопје вели дека Сарај е при крај во потрагата по инвеститори.
„Ова што сега се случува, значи реализацијата на Деталниот урбанистички план, мислам дека разговорите со инвеститорите се при крај и затоа сега се започнати овие работи. Ова е веројатно, на еден начин, почеток на враќањето“,
вели Шилегов
Во Општина Сарај, сепак, велат дека уште не се дојдени до преговори со инвеститори бидејќи се работи на правни процедури. На пример, дел од привремените жители поднеле барања за легализација на нивните објекти.

„Да бидеме попрецизни, ние треба да го имаме финалниот проект. Таа фаза ќе дојде после, такви се процедурите во урбанизмот. Сега само главната основа е ставена во урбанистичкиот план за тоа што може да има, но реално, според информациите од Агенцијата за урбанизам, фазата после ова ќе биде поочигледна, сега сме во правна постапка“,
рече Беџети.
Од Општината не ни дадоа увид во урбанистичкиот план кој ќе служи како основа за конечниот нов изглед на езерото Треска.
Но, „360 степени“ успеа да дојде до него. Според документот, кој е Урбанистички план за надвор од населено место, комплексот е поделен на 4 блока. Во Блок 1, кој го опфаќа брегот на езерото, може да има спортски терени, аква-парк, игралишта, ботаничка градина, а мал процент може да биде и за дуќани или хотели. Во Блок 2 се планирани викенд-куќи кои ќе треба да се градат од дрво и камен, со почитување на шумскиот фонд. Во Блок 3 примарно е предвиден хотелски комплекс, но 40 отсто од просторот може да биде и за мали и големи трговски единици, култура, здравство. Нема да се гради на целиот простор бидејќи под дел од блокот се бунарите Треска-Лепенец. Во Блок 4 е предвидена градба на трговски центар.

На хартија документот предвидува заштита на шумскиот фонд и зеленилото, градење со еколошки и природни материјали. Домашното искуство, сепак, повеќепати го покажало спротивното.