Поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, која е дел од судечкиот совет во предметот ТНТ, ќе добие обезбедување бидејќи добива закани.
Таа вчера била кај претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, и му се пожалила дека добива закани и притисоци да се повлече, но се согласила да добие обезбедување и да продолжи да работи.
„Неспорен е фактот дека судијката поротничка вчера побара прием кај претседателот на судот на кој му се пожали дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија поротник и доколку е неопходно институциите може на секој судија и судија поротник да му овозможат и обезбедување, поротничката се согласи да продолжи да постапува сè до евентуално разрешување од Судскиот совет“,
велат од Основниот кривичен суд – Скопје.
Ваквото известување од судот доаѓа откако адвокатот Јовица Страшевски, кој е бранител во случајот ТНТ на обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, денеска излезе со нова преписка во која наведува дека поротничката си поднела неотповиклива оставка, но поради притисок од претседателот на судот, Иван Џолев, оставката не била прифатена.
„Според информациите, и покрај тоа што поранешната поротничката оставката и официјално ја доставила во архивата на Основниот кривичен суд Скопје, по налог на претседателот на судот, таа не била прифатена и била итно повикана кај него со цел да се изврши притисок да мора да присуствува на рочиштата кои се закажани, особено за предметот ТНТ“
пишува Страшевски во дописот до медиумите.
Тој ги повикува МВР и Обвинителството да преземат мерки и да ја соопштат вистината за овој настан.
Судот ваквите обвинувања од Страшевски ги смета за уште една потврда за заканите што Страшевски континуирано ги упатува кон поротничката.
Од судот, исто така, утрово го обвинија дека прави опструкции во судскиот процес бидејќи вчера на крајот од работното време испратил допис до судот дека е на годишен одмор од 8 до 17 јануари 2020 година.
„Зачудува фактот како адвокатот, кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци. Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуваат до судот, од други лица, кога тие се доставуваат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае на судиите и судиите поротници надвор од судница?“,
реагираат од судот.
Во периодот за кој адвокатот известил дека е на годишен одмор закажани се пет рочишта за ТНТ, секој ден почнувајќи од 13 до 17 јануари. И покрај неговото отсуство, не е исклучена и можноста да продолжи процесот и покрај „одморот“ на адвокатот бидејќи и досега имаше таква пракса во која судечкиот совет, сметајќи дека станува збор за обиди за одолговлекување на судењето, назначуваше адвокати по службена должност.
Случајот Страшевски пред дисциплинските органи во Комората
Адвокатската комора по прибирањето на сите материјали во врска со преписките меѓу Основниот кривичен суд Скопје и адвокатот Јовица Страшевски ќе ги предаде на дисциплински органи на Комората, кои се надлежни за утврдување на евентуална повреда сторена од адвокатот.
Во Комората денеска е добиено писменото известување од Основниот кривичен суд Скопје во врска со наводни притисоци од страна на адвокатот Страшевски.
Преписките на релација помеѓу судот и започнаа вчера кога првиот човек на Кривичен, Иван Џолев, побара МВР, Обвинителството и Адвокатската комора да реагираат на заканите кои преку отворени писма изминатиот период ги испраќа Страшевски.
Неговите обраќање преку јавноста се однесуваа, како и денешното, за поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска за која тој тврди дека не може да постапува во случајот ТНТ бидејќи ѝ е истечен четиригодишниот мандат кој започнал на 24 декември 2015 година. Ставот на судот, пак, е дека таа и судечкиот совет кој постапува по предметот ќе работи сè додека не се добие решение од Судскиот совет дека некому му е прекинат мандатот.
Од Судскиот совет, пак, вчера се огласија дека на 27 јануари ќе одлучуваа за барањето на Иван Џолев да се продолжи мандатот.
Од ова тело, исто така, ги осудија заканите од адвокатот.
Повеќе детали за вчерашните случувања прочитајте ТУКА.