Реакциите на АСОМ се во однос на планираните законски измени со кои ќе се забрани да има обложувалници и други објекти на игри на среќа на растојание од 500 метри од училиштата и факултетите. Тоа според нив ќе ја раздвижи сивата економија и ќе го поттикне нелегалното обложување. Според нив, никаде во Европа нема таков закон и велат дека се подготвени да прифатат кој било закон од некоја земја од ЕУ. Исто така, реагираат и на најавите дека ќе се зголемат давачките
Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) предупредува дека без работа ќе останат 8 000 работници во овој сектор ако се донесат планираните измени во Законот за игрите на среќа и забавните игри со кои се предвидува да нема вакви објекти на 500 метри од училиштата и факултетите бидејќи ќе мора да затворат 98% од обложувалниците и другите локали за игри на среќа.
Тие велат дека ваквите законски измени се непрофесионални, а ќе значат и огромни загуби за државниот буџет. Реакцијата од АСОМ доаѓа по објавата на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за почеток на процесот за подготовка на законските измени.
„Ставот на АСОМ по однос на измените за оддалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив и на истиот силно се спротивставуваме. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа“,
вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
„Ќе се отвори патот за нелегално обложување“
Друга причина која ја наведуваат од АСОМ, а која според нив негативно ќе се одрази е што ќе се отвори патот за сивата економија и нелегалното обложување.
Затворањето на спортските обложувалници, тврдат, нема да го запре обложувањето, играчите ќе бараат алтернативни начини и тоа ќе се префрли на нелегални локации. Така, предупредуваат од АСОМ, државата ќе нема контрола врз средствата ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците. Исто така, велат од Асоцијацијата, со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и предупредуваат дека ќе има сериозни домашни и меѓународни правни импликации доколку се скрати ова право на компаниите.
АСОМ е и против зголемување на даноците: „Веќе плаќаме највисоки даноци во Европа“
Покрај за забраната да нема обложувалници и објекти за игри на среќа во близина на образовните институции, од АСОМ реагираат и на предлогот за зголемување на давачките наведувајќи дека и така веќе плаќаат највисоки даноци во Европа.
Ваквите намери, според нив, се и целосно контрадикторни со идејата оддалечување на објектите од училиштата и факултетите.
„Зголемувањето на ионака, највисоките даноци во Европа кои и сега ги плаќаме, а со цел како што се наведува зголемување на средства во буџетот, воопшто не кореспондира со предлогот за оддалеченоста. Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата ризикува да ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, а тоа се повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. Зошто се покачуваат даноци, ако практично планот е да се затворат објектите и кој би бил економскиот ефект од тоа. Сметаме дека предлог законот е направен без никакви економски и пазарни анализи и дека ќе има многу сериозни импликации врз државната економија, која ионака е силно погодена и дестабилизирана од ковид кризата“,
истакнува Илијевски.
Бараат средба со Владата и Министерството за финансии
Освен нивната реакција во јавноста, од АСОМ бараат и средба со Владата и Министерството за финансии. Тие обвинуваат дека нов закон каков што е во план не е европски бидејќи ниту еден закон во Европа не предвидува оддалеченост на објектите од школите и факултетите зашто тоа нема никаков ефект врз навиките на клиентите.
Подготвени се, потенцираат, да прифатат кој било закон од некоја земја-членка на ЕУ да биде донесен и кај нас.
„Ние како Асоцијација, во изминатите месеци делувавме конструктивно и доставивме предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на индустријата кои се во интерес на сите чинители. Неколкупати побаравме средба во Владата и Министерството за финансии да ги образложиме истите, но не добивме одговор. Нашите предлози беа токму во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите. За жал, ништо од тоа досега не е прифатено“,
истакнува Илијевски.
Од АСОМ се надеваат дека ќе добијат итен прием во Владата и Министерството за финансии за да можат и лично пред нив да ги аргументираат своите ставови, а бараат и итно да за запре процесот на носење на законските измени.
