Посетата на Мицкоски на Словенија е дел од неговата мини-турнеја во Унгарија, Словенија и Хрватска, каде што на власт се сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Европската народна партија
Како Словенија се справува со пандемијата, рецесијата и соработката меѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и словенечката Демократска странка, биле тема на разговор на претседателот на најголемата опозициска партија во земјава Христијан Мицкоски со премиерот на Словенија и претседател на ДС, Јанез Јанша.

Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, потврдена е недвосмислената поддршка која Македонија ја добива од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес, недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и нејзината улогата како најголема политичка партија во Македонија.
Посетата на Мицкоски на Словенија е дел од неговата мини-турнеја во Унгарија, Словенија и Хрватска, каде што на власт се сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Европската народна партија.
Претходно тој се сретна и со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, а следни се средбите во Загреб.
Пред заминувањето, во интервју за „Дојче веле“, Мицкоски рече дека секоја средба има своја цел, но заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараат за блокираната европска перспектива на Македонија и за можноста тие да помогнат за придвижување кон европската иднина.
