Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со партискиот потпретседател Александар Николоски денеска беа во посета на Љубљана, Словенија, откако претходно ја посетија и Будимпешта, Унгарија, каде барале поддршка за патот кон ЕУ.
„Мицкоски на средбата побара поддршка од словенечкиот премиер на патот кон Европската Унија особено што Словенија е државата која е идниот претседавач со Унијата. Премиерот Јанша изрази поддршка на Македонија и нејзините евроинтеграции како и поддршка за дополнително развивање на сестринските односи со ВМРО-ДПМНЕ како дел од семејството на Европската народна партија“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето соопштение, опозициската партија наведува дека Мицкоски на Јанша му зборувал дека покрај проблемот со бугарското вето, акутен проблем на земјава останува недостатокот на борбата со корупцијата и криминалот, а зборувале и за економијата.
„Мицкоски на средбата размени искуства поврзани со економијата, при што напомена дека рецесијата во која се наоѓа македонската економија резултираше со раст на невработеноста, додека пакетите на помош за економиката не ги дадоа потребните резултати зошто тие освен за гола промоција беа наменети за приземен поткуп без ефект и помош за стопанството. Економијата е девастирана што е директна последица на неспособноста на владата, граѓаните немаат време за чекање“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски порачал и дека би сакал македонската влада да ја земе словенечката како пример бидејќи Словенија има сериозен план за вакцинација на дури 70 проценти од населението.
