Државниот пазарен инспекторат затвори пет угостителски обејкти поради непочитување на протоколите за работа со цел спречување на трансмисија на ковид-19.
Казнети се два објекта во Скопје и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово и Куманово, каде според инспекторатот, не се почитувало ограничувањето за четири лица на една маса.
„При спроведените надзори, изречени се 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за две угостителски објекти во Скопје и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово и Куманово, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози“,
се вели во соопштението на Владата.
Контролите биле извршени во периодот од 11 до 17 јануари.
Инаку, од утре стапува на сила новото работно време за угостителските објекти до 21 часот.
Со оваа одлука завршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензинските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети.
