Талат Џафери е убеден дека пред распуштањето на Собранието на 12 април може да завршат ратификациите на членството на Северна Македонија за НАТО – прво во шпанскиот парламент, а потоа и во македонскиот. Но, во Шпанија сè уште не може да се предвиди динамиката на процесот, иако со вчерашниот избор на Педро Санчез за премиер е отстранета клучната пречка
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска излезе со оптимистичка изјава дека по изборот на нова влада во Шпанија сега е многу полесна и јасна процедурата за ратификација на протоколот за НАТО. Во интервју за ТВ „Телма“, Џафери рече дека очекувањата се протоколот да биде ратификуван во најкус можен рок, а постапката кај нас да заврши до 12 февруари.

„Во овој момент нема потреба да се брза со предвремена ратификација. Владиниот предлог е во процедура, но нема индикации дека е неопходно предвреме да се постапува“, изјави Џафери.
Стариот предлог нема значење
Но, во Шпанија сè уште е тешко да се предвиди динамиката со која би се одвивал процесот на ратификација на пристапниот протокол за земјава. Не поради политички дилеми или отсуство на волја туку зашто сè уште не е докомплетиран составот на владата, а неопходно е формирање и на работните тела во парламентот.

Премиерот Педро Санчез, кој денеска положи заклетва, најави дека членовите на владата ќе ги соопшти следната недела. А од владата треба да тргне целата постапка, зашто документот (Пристапниот протокол) доставен до парламентот на 19 јули 2019 година нема значење за актуелниот состав на парламентот во Мадрид. Во мандатот на тогашниот парламентарен состав (по изборите во април 2019 година) не беше формирана влада, па не профункционира во полн капацитет ни парламентот поради што не беше завршена процедурата на ратификација.

Откако владата на Санчез уште еднаш, макар и формално, ќе го утврди предлог-документот, тој ќе биде доставен на усвојување во двата дома на законодавната власт (парламентот) – Конгресот (долниот дом) и Сенатот (горниот дом). Во Конгресот, прво ќе треба да го одобри Комитетот за надворешни работи, кој допрва треба да се формира, а потоа и пленумот. Откако ќе се заокружи процедурата во долниот дом, протоколот ќе оди на одобрување во Сенатот (горниот дом), каде што работите се очекува да се завршат побрзо отколку во долниот дом.
Ново-стариот шпански премиер Санчез на почетокот на декември во Лондон, на маргините на Самитот на НАТО, го уверувал експремиерот Зоран Заев дека неговата земја до крајот на јануари ќе успее да ја финишира процедурата, па дури и да го депонира Протоколот во Вашингтон. Но, неизвесноста останува – не дали, туку кога Шпанија би завршила со процедурите и со тоа би го потврдила членството на Северна Македонија во НАТО.
