При изведување на вежбите се користеа шок и димни бомби, како и маневарска и вежбовна муниција, балистички штитови и алпинистичка опрема
Во зимско-рекреативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Пониква денеска беа презентирани четири показни вежби од страна на Единицата за брзо распоредување и од Единицата за специјални задачи при Одделот за специјални полициски операции на Бирото за јавна безбедност, соопштија од МВР.
Единицата за брзо распоредување изведе вежба во која полициските службеници претставија случај за совладување активен отпор, самоодбрана при напад на лица сторители на кривични дела и нивно лишување од слобода, како и операции на растурање на толпа при нарушен јавен ред и мир во поголем обем.
Полициските службеници од Единицата за специјални задачи при Одделот за специјални полициски операции демонстрираа техники и тактики на обезбедување на високи домашни и странски функционери, како и начин и постапка на реакција при загрозување на личноста што се обезбедува, преку упад во објект и лишување од слобода на лица кои даваат вооружен отпор и евакуација на ВИП личности со помош на алпинистичка опрема и примена на алпинистички техники.

При изведување на вежбите припадниците на елитните единици користеа шок и димни бомби, како и маневарска и вежбовна муниција, балистички штитови и алпинистичка опрема, велат од МВР.
На изведувањето на четирите показни вежби на елитните единици на МВР во Пониква присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со својот колега црногорски колега Сергеј Секуловиќ, кој предводи делегација во рамки на официјалната дводневна посета на МВР на Северна Македонија.

