Договорот за оваа јавна набавка е во траење од 18 месеци од кои осум се предвидени за изведба на системот, а наредните 10 за одржување
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) распиша тендер за набавка на електронски систем кој значително треба да ја олесни работата на антикорупционерите, а со кој се предвидува нивно поврзување со останатите институции за прибирање на потребните податоци и нивна обработка.
Проценетата вредност на набавката е 41 457 000 денари или околу 674 000 евра. Тендерот, како што покажуваат информациите на системот за е-набавки, е објавен во понеделникот, на 11 јануари, а крајниот рок за доставување на понудите е еден месец, до 10 февруари 2021.

Со оваа набавка се предвидува изработка на регистар на избрани и именувани функционери, можност електронски да доставуваат изјави за нивната имотна состојба и интереси, како и нивно објавување.
Тендерот опфаќа и систем преку кој Антикорупциската комисија ќе се поврзе со други институции, односно ќе може да ги прибира потребните, нивна обработка, како и модул за менаџирање со документи и одржување на целокупниот систем.
„Предметот на набавката е неделлив имајќи предвид дека се бара системски приод односно решение кое ќе ги опфати сите барани процедури од почеток до крај – од водење на листа на корисници, институции, позиции во тие институции, како и анкетни листови поднесени од именувани лица кои се корисници на системот и креирање на извештаи по однос на тоа работење. Опфатени се процедури за лог менаџмент на податоците, електронско потпишување на документи, BI и OLAP алатки, нотификации кон крајни корисници, специфичен бекап на податоци, односно функционалности кои не можат да се поделат и да бидат изведени од неколку понудувачи“,
пишува во набавката.
За набавката е предвидена и електронска аукција, а критериумот по кој ќе се одлучува кој ќе го добие договорот е најдобриот однос меѓу цената и квалитетот. Квалитетот ќе се бодува со 20 поени, а цената со 80.

ДКСК бара фирмата која ќе го понуди и одржува системот да има технички тим од 20 лица, меѓу кои програмери, инженери со искуство во софтверските системи, заштитата од хакерски и мрежи напади, а еден од инженерите треба да има и валиден безбедносен сертификат издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Договорот за оваа јавна набавка е во траење од 18 месеци од кои осум се предвидени за изведба на системот, а наредните 10 за одржување.
Од Антикорупциска и претходно распишуваа сличен тендер, ама како што велат оттаму, тој бил парцијален, но и експерти утврдиле дека во него немало доволно критериуми за заштита и утврдиле неколку слабости поради што истиот бил поништен. Откако беше формирана новата Влада на крајот на август 2020, биле во разговори со Министерството за финансии во врска со обезбедувањето на пари за набавка на ваков целосен систем, кои биле успешни, по што следуваше распишувањето на овој тендер.
На објавувањето на набавката, му претходеше и владина седница, одржана на 22 декември 2020, кога Владата презема обврски да се искористат пари од буџетот.

„На оваа седница Владата даде согласност за преземање на обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните години на ДКСК, за набавка за изработка на Регистар на избрани и именувани лица, електронско доставување на изјава за имотна состојба и интереси, нивно објавување, систем за прибирање на податоци од други институции, нивна обработка, како и модул за менаџирање со документи и за одржување на целокупниот систем“,
соопштија од владата по седницата пред помалку од еден месец на која присуствуваше и претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.
Кога станува збор за исплаќање на набавката, доколку тендерот биде успешен и се постигне договор со некоја фирма, во документацијата е наведено дека плаќањето ќе се врши во две фази односно 20% ДКСК ќе исплати годинава, а 80% во 2022.
Набавката на ваков функционален систем кој треба да придонесе во јакнење на целокупните капацитети на ДКСК се најде и во годишната програма за работа на оваа комисија за 2021 година.

