Полициски службеник почина од здобиените повреди во немирите предизвикани пред два дена од страна на приврзаниците на актуелниот американски претседател Доналд Трамп во Капитол Хил во Вашингтон, соопшти полицијата.
Полицаецот Брајан Сикник е петта жртва во немирите, откако претходно е објавено дека четири лица загинале кога приврзаници на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот со цел да го спречат Конгресот да ја верификува победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД.
„Полицаецот Сикник одговори на немирите во средата, 6 јануари 2021 година, во американскиот Капитол и повреден е додека бил во физички судир со демонстрантите“,
нагласи полицијата во соопштението.
Претходно, шефот на полицијата најави повлекување од функцијата.
Синоќа беа поднесени и првите кривични пријави по немилите случувања во средата. Сојузни обвинители поднеле тужба против едно лице кое нападнало полицаец и против друго кое нелегално поседувало пиштол.
На протестите учествуваа разни радикално-десничарски групи, најчесто облечени во маскирна облека и носеа боева опрема како панцирни елеци, муниција и автоматски пушки.