Бајден ја обвини и полицијата за начинот на кој постапуваше правејќи паралела со движењето „Животите на црните луѓе се важни“, кое, според него, би наишло на поагресивна полициска реакција
Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, ја засили реториката за вчерашните демонстрации и упадот во Капитол Хил. Во денешното обраќање за претставување на новото раководството на Министерството за правда и објавата дека Мерик Гарланд ќе го номинира за државен обвинител, тој зборуваше и за случувањата во Вашингтон и толпата која упадна во зградата на Конгресот ја нарече „домашни терористи“.

„Тие не беа демонстранти. Тие беа насилна толпа. Востаници. Домашни терористи. Тоа е толку едноставно“,
рече Бајден.
Вчерашните настани тој ги опиша како еден од најмрачните денови во историјата на САД.
„Тоа не беше несогласување, тоа не беше безредие. Тоа беше хаос“,
рече Бајден.
Тој рече дека би сакал да каже оти не можело да се види дека ова доаѓа, но тоа не е точно бидејќи, рече, можевме да видиме што следува.
„Последните четири години имавме претседател кој отворено го покажа својот презир кон нашата демократија, кон нашиот Устав, кон владеењето на правото. Уште од самиот почеток тој започна целосно да ги напаѓа институциите на нашата демократија“,
рече идниот претседател ветувајќи драматични промени со неговата администрација.
Повеќе од сè, порача тој, треба да се врати честа, интегритетот и независноста на Министерството за правда, кои се сериозно нарушени.
Бајден ја обвини и полицијата за начинот на кој постапуваше правејќи паралела со движењето „Животите на црните луѓе се важни“, кое, според него, би наишло на поагресивна полициска реакција.
„Никој не може да ми каже дека ако вчера протестираа демонстранти од ‘Животите на црните луѓе се важни’, тие немаше да бидат третирани многу поинаку од насилниците кои вчера упаднаа во Капитол“,
рече Бајден.