Судии, пратеници, други актуелни и поранешни функционери, нивни роднини, претседателот Иванов за неполни два месеца од формирањето на Државната комисија за спречување на корупција се најдоа на нејзината листа за проверка. Досега се отворени вкупно 376 предмети, од кои Антикорупциска затвори 26 со оценка дека нема случај. Телото за превенција и борба против корупцијата, на чие чело застана жена, веќе стекна позитивен публицитет во јавноста и често се споредува со Специјалното јавно обвинителство.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија, кој го води секретаријатот на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, не сака да брза со оценка за работата на антикорупциска.
„Рано е да се каже заради тоа што генерално истраги или процеси што се антикорупциски се долготрајни и потребно е време навистина да покаже што се направило, меѓутоа сметам дека првичните некои иницијативи кои што ги имаше Државната комисија за спречување на комисија се во добра насока. Се очекува Државната комисија да направи анализа на ризик и тоа да ги води, заради тоа што има едно море на корупција и тие треба да најдат што е најважното, бидејќи располагаат со ограничени ресурси.“
За Поповиќ новина е и пристапот на ДКСК кон граѓанските организации и медиумите.
„Интересно е дека Државната комисија почна да работи по допрен глас, по нешто што се појавува по медиуми, што е навистина чекор во вистинска насока. Истовремено тие и се отворени кон граѓанското општество. Ние веќе имавме неколку состаноци со нив и тие бараат помош од нас за фокус, за соработка итн. Ако тие успеат да ги убедат дека навистина работат во борба против корупција, граѓаните ќе застанат против нив. Има такви примери во поширокиот регион каде силата на антикорупциската агенција ја даваат граѓаните.“
Во истрагите отворени по допрен глас, се најдоа случаи што во изминатиов период беа објавени во емисијата „360 Степени“. Таков пример се указите за унапредувања и именувања во армискиот врв, кои претседателот Ѓорѓе Иванов ги потпиша при веќе распишани избори.
На забелешката дека указите се донесени во предизборие и на само два и пол месеца од завршувањето на неговиот мандат, од кабинетот на претседателот одговараат:
„Постапката траеше неколку месеци и станува збор за редовна обврска која е во делокругот на непречено функционирање на државата.“
Но, така не мислат во антикорупциската комисија.
„Именувања од ваков тип не треба да има во време кога е почнат изборен процес, дотолку повеќе што се отвора ризик од потенцијално политичко влијание на гласачкото тело.“, вели за „360 степени“ претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Друг случај објавен во „360 степени“ што се најде на списокот на Антикорупциска е скандалот со фирмата која изработува ДУП за центарот на Скопје, за само еден денар.
По неполни две недели од објавувањето на истражувачката сторија, Антикорупциската комисија отвори предмет.
„Најсимптоматично од сето тоа е изјавата на членот на Советот на општина Центар дека забелешките кои ги даваат во текот на јавниот увид, во расправата, итн, не се земаат во предвид и истите не се коректив во донесените планови.“, изјави Катица Николова – член на ДКСК.
Пред четири месеци, кога земјава беше без антикорупциска, „360 Степени“ тестираше колку се веродостојни анкетните листови за имотната состојба на пратениците. Неколку дена околу Собранието следевме кој пратеник со какво возило доаѓа на работа.
Џеват Адеми, пратеник на ДУИ од Тетово, се појави со џип „мерцедес“. Во анкетниот лист тој нема пријавено такво возило туку „голф“ и „бмв х5“. Телефонски ни изјави дека мерцедесот му бил земен на лизинг, па затоа не го пријавил како своја сопственост. Со воизло од различно до Антикорупциска, се појави и пратеник од владејачката партија за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски. Шкодата што ја возеше, ја нема во анкетниот лист, каде е пријавен само цитроен.
„Колата е пред два месеца земена и нормално дека ќе се пријави, сега немаме ни антикорупциска комисија, кому да пријавиме.“, ни изјави Ибраимовски во декември.
Мухамед Зекири пратеник на СДСМ од Скопје на работа се појави со „ауди а5“
„Тоа е автомобил кој е на мој пријател и во овој момент се служам со него.“, ни изјави Зекири во декември минатата година.
И овој случај е интригантен за антикорупционерите.
„Кога ги прашуваа, излезе дека скоро сите автомобили им се позајмени од пријател, дека имаат пријавено, реално кога ќе морате да гледате фактичка состојба ќе се соочувате со серија на вакви креативни..
-Лажги. Така е, затоа пак надлежностите на Комисијата се многу зголемени, како што знаете ние ќе бидеме електронски поврзани со многу бази на податоци на 17 институции, тука ќе биде и МВР и Катастар и УЈП, каде се регистрираат имотите на граѓаните, така што со самото пишување на матичниот број да кажеме од МВР излегуваат регистрираните автомобили на тоа лице, или од Катастарот ќе излезе имотот.Така да, на лагата и се кратки нозете.“, рече Ивановска во гостување на емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма.
По допрен глас, антикорупциска го истражува и имотот на актуелниот советник на претседателот Иванов – Илија Исајловски. Тој е поранешен заменик-министер за надворешни работи и екс-амбасадор во Киев, Москва и Пекинг, за кого во 2016-та објавивме дека заедно со сопругата стекнале 291 000 евра богатство за 4 години.
Исајловски плаќаат 2 190 евра рата кон банките, ако ги зеле најевтините станбени кредити, а толку отприлика им се и платите, без додатоци и бонуси. Нивните анкетни листови не нудат одговор од што тогаш живеат овие функционери, бидејќи не пријавиле заштеди или други приходи.
Но, освен индициите објавени во медиумите и пријавите од граѓани, претседателката на ДКСК вели дека ги следат и објавите на опозицијата.
„Гласот на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференциите, допира до вас или не, барате претставка?
Како не допира, па 18-те вработени од чиј глас беше, од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се од владејачката партија, за вработувањата во ЕЛЕМ, во МЕПСО, во министерствата, значи први почнавме со владејачката партија.“, рече Ивановска во гостувањето на емисијата „Стадион“ на радио Канал 77.
По допрен глас, Антикорупциска ќе постапува и за време на изборната кампања што почна денеска. Штом ја отворите веб-страницата на ДКСК, ве пречекува овој формулар за пријавување неправилности во изборниот процес. Вашиот глас ќе допре до комисијата дури и при анонимна пријава.
Напишете коментар