Владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува сѐ поуслужна кон граѓаните, вели премиерот Заев. Во нејзината структура сѐ уште се чувствуваат последиците од масовната партизација на институциите што се правеше 11 години до 2017 година и од спроведување на операцијата „заробена држава“
Премиерот Зоран Заев, во интервју за МИА, вели дека и покрај скратените буџетски средства и рецесијата, реформите на администрацијата остануваат еден од приоритетите за Владата.
„Буџетот за 2021 г. е изгласан и во него има средства за сите предвидени реформски и економски процеси. И сега треба да се одработи, многу да се работи, секој од нас да даде максимум, а тоа важи и за секој од државните службеници. И ете го реперот – кој е спремен да одработи и да биде сервис на граѓаните од кои е платен, не треба да се грижи за ништо. Се разбира, дел од администрацијата природно ќе гравитира кон бизнис-секторот, а дел ќе се пензионира согласно законските рамки. Во секој случај, владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува се поуслужна кон граѓаните”,
вели Заев.

Заев додава дека Владата што ја предводи и во овој и во претходниот мандат, работи врз основа на принципите дека нема да има отпуштања заради реваншизам. Напротив, додава тој, влеговме во процес на длабока реформа на јавната администрација.
“Отворивме процес за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата на Република Северна Македонија создава администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста”,
изјави Заев во интервјуто за МИА.
