Членот на ИК на партијата Стефан Андоновски не одговори на прашањето дали ќе повикаат на бојкот на пописот
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да го поддржи законот за попис.
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕВРОСТАТ и другите европски и институции на Обединетите Нации, изјави денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес- конференција.
„СДСМ успеа, односно се труди да донесе фалсификат попис односно да направи пописен инженеринг како што направија и изборен инженеринг. Нејасни се за нас три поенти, односно три состојби: првата, зошто не се објавува методологијата на попишување која што требаше да биде интегриран дел на Законот за попис за сите да ја видат? Под број два, зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст кои што секако треба да се набават и е законска обврска за локалните избори кои ќе се одржат оваа година и третиот дел, тоа е дека СДСМ се обидува да направи попис во кој луѓето нема да имаат доверба, граѓаните нема да имаат доверба и институциите нема да имаат доверба“,
рече Андоновски, одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на бојкот на пописот.
Пред новогодишните празници се одржа седница на Комисијата за европски прашања на која беа разгледувани амандманите што ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ (26) и Алијанса за Албанците и Алтернатива (10).
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека се работи за суштински амандмани кои значат подобрување на законскиот текст и влевање доверба во целата операција.
ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото бара пописот да се спроведува и со отпечаток од прст.
„Избегнувањето на обезбедувањето на отисок од прст не дава сигурнист во целата постапка. Образложението дека тоа е скапа операција и ќе треба време за набавка не држи затоа што во ДИК за таква апаратура има, но не се префрлени пари од ДИК за тоа“,
рече Мицевски.
За СДСМ ваквите предлози имаат цел одолговлекување и откажување на пописот. Премиерот Зоран Заев рече дека се прават напори предлозите на опозицијата.
„Јас не знам како ќе дадат отпечаток од прст граѓаните што се иселени по една година, ама правиме напори, ако треба, да се снајдеме и за терминали за отпечатоци“,
изјави Заев пред неколку дена.
Според најавите од претседателот на Собранието, Талат Џафери, Законот за попис се очекува да да се најде пред пратниците на пленарана седница по 18 јануари.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2021 година. Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година. Пописот во 2011 година не се реализира, откако 10 дена по неговото започнување беше прекинат по колективната оставка на членовите на Државната пописна комисија. За пропаднатиот попис истрага отвори поранешното СЈО, која потоа ја презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Според истрагата, со одлуката за стопирањето на пописот, тогашните владини коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нанеле штета на Буџетот во износ од 2,8 милиони евра.