Неполна година од претседателските избори во Македонија, независниот кандидат во таа трка, поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА, Блерим Река, денеска е предложен за шеф на косовската дипломатија. Река е универзитетски професор по меѓународно право на Универзитетот на Југоисточна Европа и поранешен амбасадор на Македонија во Европската Унија (2006-2010). Дипломирал, магистрирал и докторирал во Приштина. Освен формалното образование, со Косово го врзуваат и советодавните позиции што ги добил во текот на кариерата во соседната земја. Во 2011 г. бил советник на претседателот на Република Косово за интеграција во ЕУ, а потоа и член на Експертскиот комитет за надворешни односи на парламентот на Република Косово.

Во текот на трката за претседател на земјава доби поддршка од лидерот на косовското Движење „Самоопределување“, Албин Курти, кој ги повика Албанците од земјава да застанат зад кандидатурата на Река. Сега, предлогот Река да стане министер за надворешни работи на Косово, дојде лично од Курти, кој е мандатар за формирање на косовската влада.
Курти симболично оди над границите на Косово
За аналитичарот Џелал Незири, предлогот на Курти – шеф на косовската дипломатија да биде Блерим Река, е обид да се испрати порака дека движењето „Самоопределување“ не застанува на границите на Косово туку оди преку нив. Смета и дека партиите на етничките Албанци во земјава се затворени за интелектуалците.
„Ова движење веќе има своја структура во Албанија, каде се најавува дека ќе прерасне во политичко движење кое ќе конкурира и на политичката сцена во Албанија. Во Република Северна Македонија Курти има тесна соработка со опозицијата на етничките Албанци, Алианса за Албанците и БЕСА, но нема намера да поддржи формирање на слично движење како во Албанија. Затоа, поставувањето на Река за министер има повеќе симболика отколку некакво значење. Колку што сум информиран, Река има двојно државјанство – македонско и косовско. Оваа значи дека има право да бира или да биде избран и во двете држави. Но, дали по неуспешниот обид да изгради политичка кариера во Северна Македонија од позиција на амбасадор или кандидат за претседател на држава, тоа ќе му успее сега во Косово од позиција на министер за надворешни работи, ќе треба да почекаме да видиме”, вели Незири.
Тој вели дека евентуалното поставување на Река за министер за надворешни работи на Косово, сепак, може да придонесе за зајакнување на односите помеѓу Приштина и Скопје.
„Неговиот избор да работи на спроведувањето на политиките на ‘Самоопределување’, а не на партиите на етничките Албанци во Северна Македонија, покажува колку овие партии се затворени и колку мал апсорбирачки капацитет имаат за интелектуалците со интерес да го дадат својот придонес за доброто на општеството“, смета Незири.

За аналитичарот Алберт Муслиу, предлогот на Курти не е за изненадување оти богатото искуство на Блерим Река смета дека ќе биде од полза на косовската влада. Гледа и уште една шанса за унапредување на односите меѓу Македонија и Косово.
„Паметен потег на Курти. Предлага личност која во дипломатските води добро плива. Бил наш амбасадор, професор по меѓународни односи… Мислам дека и за нашата јавност ќе се покаже како прилично добар и сталожен и, секако, уште повеќе ќе ги унапреди односите меѓу Косово и Македонија. Ова не е нешто невообичаено. Министерот за надворешни работи на Албанија, на пример, е од Косово“, вели Муслиу за „360 степени“.
Тој се осврнува и на однесувањето на Река во претседателската кампања во земјава.
„Ако имаше пофалби за некој претседателски кандидат од сите категории на граѓани, мислам дека тоа беше за Блерим Река“, додава Муслиу.

АА: Квалитетот продолжува да си заминува
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, потсетува дека неговата матична партија, како и Движењето БЕСА на Билал Касами, се единствените партии што го поддржаа Река во претседателската трка.
„Се случувало и порано, наши добри кадри да не ги цениме кај нас и да ги пуштаме надвор. Така е и со доктори, инженери, правници, ние не сме ги искористувале и, нормално, квалитетот си заминува, затоа крајно време е за департизација и професионализам. Алијанса за Албанците како партија, заедно со БЕСА, застана зад кандидатурата на Блерим Река на последните претседателски избори. Тоа доволно зборува што мислиме за овој човек. Како партија, не сме имале прилика да имаме централна власт, но тоа ќе се смени и веќе по 12 април ќе видите со каков состав ќе бидеме“, вели Таравари.

„360 степени“ се обиде да стапи во контакт и со професорот Река, но до објавувањето на овој текст не добивме негов став. За неговата номинација во косовскиот владин состав нема коментар ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од СДСМ и ДУИ.
*поврзана вест: Портрети на кандидатите за претседател на државата – репортажи од Бутел, Дебар Маало и Автокоманда