Доцна вечерва Министерството за здравство ја соопшти вообичаената ковид-19 статистика. Трет ден по ред има помалку од 500 новорегистрирани случаи за едно деноноќие. Доколку се анализираат официјалните бројки, таква „серија“ последен пат имало пред речиси два и пол месеци, меѓу 18 и 20 октомври.
Добрите вести се дека оваа „серија“ не е случајност, туку дека станува збор за позитивен тренд. Ако се погледне само месец декември, јасно се гледа дека има значителен пад на бројот на новозаразени со ковид-19.
Одејќи наназад за седум дена од денеска, во земјава се регистрирани 3 115 нови случаи на ковид-19. Во претходните седум дена, таа бројка изнесувала 4 464, од 9 до 15 декември имало 5 283 новозаразени, а од 2 до 8 декември имало 6 516 нови случаи на ковид-19. Или за само четири недели, бројот на новозаразени се намалил за повеќе од 50%.

Но, како што покажува табелата погоре, освен што во секоја недела во декември паѓал бројот на новозаразени, паѓал и бројот на тестови. Логичниот заклучок е дека ако има помалку тестови, ќе се откријат и помалку заболени. Но, ситуацијата не е црно-бела. Бројот на тестови во последните седум дена е помал за околу 25% споредено со периодот 2 до 8 декември, што е многу помал пад од бројот на новозаболени.
Дека има реално значително намалување на бројот на нови случаи, покажува друга статистика – процентот на позитивни од вкупно направени тестови. Според податоците на Министерството за здравство, во последните седум дена позитивни на ковид-19 се 23,9% од вкупниот број тестови. На почетокот на месецов, меѓу 2 и 8 декември, тој просек изнесуваше далеку повисоки 37,4%. Јасен е позитивниот тренд и на оваа статистичка категорија во текот на месец декември.

Иако бројките сугерираат дека најлошото, барем засега, помина, состојбата се уште не е за „опуштање“. Во графиконот подоле е претставен процентот на позитивни тестови од 1 април до денеска. Трендот јасно покажува дека ситуацијата сега е подобра од „врвот“ на заразата во ноември, но е споредлива само со втората половина на октомври. Се уште се далеку бројките од т.н. „втор бран“, за време на летото, кои во тој момент изгледаа лоши, а сега се посакувани. Неодговорно однесување за празниците лесно може повторно да ја „сврти“ линијата во лош правец.
