Една година по номинацијата за воен претставник на земјава во НАТО, полковник Зоран Секуловски не е заминат за Брисел. Нема официјална потврда дека причината се ригорозните НАТО-проверки за кои неодамна првпат јавно проговори шефот на државата
Годишното обраќање на шефот на државата во Собранието ја наметна дилемата за тоа кој ќе остане без пристап до доверливите информации и документи на НАТО.
„Тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15% од високите воени, полициски и политички лица“,
кажа претседателот Стево Пендаровски на овогодишното обраќање во Собрание.
Овој прашалник на 8 страници што го пополнуваат кандидатите за безбедносен сертификат од НАТО е само почеток на нивната деталната проверка, прво на национално, а потоа и на ниво на Алијансата.
„Очигледно некаде има проблем со Македонија зашто воениот претставник во НАТО се уште не добил clearance (одобрение)“,
вели Саво Кентера, претседател на Атлантскиот сојуз на Црна Гора.
За полковник Зоран Секуловски кон крајот на минатата година беше објавено дека ќе биде воен претставник на Северна Македонија во НАТО, но до денес тој не е заминат за Брисел.

Ќе го поминат ли генералите, но и функционерите ригорозниот НАТО-ветинг?

Во март, по речиси 30 години од почетокот на процесот на пристапување, земјава влезе во НАТО. Полноправното членство во најмоќниот воено-политички сојуз носи привилегии, но и обврски. Во однос на привилегиите, покрај колективната заштита, на пример, тука е и пристапот до безедносни информации кои ги имаат и Вашингтон, и Берлин и Лондон и Париз и Рим и Брисел. Во делот на обврските – кој се во државата треба, може и ќе има пристап до тие класифицирани информации.
„Во оваа прилика сакам да укажам на еден аспект, кој досега не е дебатиран во јавноста, една обврска која е исклучително значајна и која претставува, де факто, прв ветинг на највисоките политички, безбедносни, одбранбени и разузнавачки ешалони на власта“,
кажа претседателот Пендаровски.

Во еден дел од новата зграда на седиштето на Алијансата во Брисел се наоѓа Канцеларијата за безбедност на НАТО или скратено НОС – оддел за чија работа не се зборува многу јавно. Но, за неговото значење говори фактот дека функционерот што го раководи од позиција на директор истовремено е и заменик-пошник генерален секретар на НАТО задолжен за безбедност.

Главна задача на НОС е безбедноста на Алијансата, од сите аспекти, вклучувајќи и контраразузнавање. НОС е куче-трагач кое бара можни закани за Сојузот, превенира протекувања информации и спречува безбедносни упади во сложениот НАТО-систем на управување и носење одлуки. Во моментов со НОС раководи Доналд Гоневил, Американец, со децениско искуство во Алијансата, во Стејт департментот во Маринскиот кор. Води тим од 190 луѓе под чија надлежност е и Северна Македонија, најновата членка на НАТО.

Оваа Канцеларија, според информациите на „360 степени“, извесен период веќе работи на безбедносни проверки на сите лица во земјава кои би имале пристап до доверливите податоци на Алијансата. Таа, всушност, го врши ветингот за кој во годишното обраќање во Собранието зборуваше претседателот и врховен командант на Армија, Стево Пендаровски.
„Досега, за сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но од март оваа година е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации, што значи дека, освен нас, и сите земји-членки на Алијансата мора да потврдат дека конкретниот функционер е чист по две основи: прво, контакти со држави, ентитети и поединци кои го третирааат НАТО како свој опонент, второ, инволвираност во случаи на висока корупција каде што постои можност да бидат злоупотребени од малигни држави, поединци и ентитети“,
рече претседателот Пендаровски.
Шефот на државата се повика на искуството од други земји.
„Тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15% од високите воени, полициски и политички лица. Првата фаза од тој процес кај нас веќе привршува, јас се надевам дека на неговиот крај ние ќе излеземе со многу помал процент на одбиени функционери.“
Овој дел од настапот на Пендаровски не привлече многу внимание во јавноста, можеби затоа што ова прашање, иако чувствително, се уште не е медиумски експлоатирано. По трагата на процентот на „неприфатливи “ за НАТО за кој зборуваше шефот на државата, „360 степени“ се обиде да провери што се случувало со земјите кои пред Македонија станаа членки на Алијансата. На пример, Црна Гора, која од 2017 е 29-тата членка.
„Јас, колку што знам, никогаш не смe имале таков случај. Значи, се што сме пратиле горе (Брисел), тоа и останало таму, тие луѓе ги поминале проверките. Ние едноставно не дозволивме да дојдеме во ситуација да пратиме некого кој би бил вратен поради такви проверки. Од почетокот знаевме, нашата Агенција за национална безбедност која се занимава со тоа, не дозволи да пратиме некого кој не би го поминал ветингот на НАТО и затоа не се најдовме во таква ситуација“,
вели Саво Кентера, претседател на Атлантскиот сојуз на Црна Гора.
Сепак, членовите на мисиите на државата членка во Брисел се само мал дел од мноштвото армиски, полициски, безбедносни и политички функционери кои треба да го поминат НАТО-ветингот.
„Во овој случај довербата е клучна. Вие мора да создадете таков однос со НАТО за НАТО да се увери дека институциите на системот во Македонија, пред се Агенцијата за разузнавање и новоформираната Агенција за национална безбедност квалитетно и професионално ја извршуваат својата работа, дека НАТО може да им верува, дека кога овие две институции ќе ги пратат своите информации во НАТО, да знаат дека тоа е тоа за подоцна да немате проблем. Во овој момент, очигледно некаде има проблем со Македонија зашто воениот претставник во НАТО се уште не добил clearance и еве, колку што имам информации, се чека веќе една година. Така што, треба да се види каде чкрипи, за што станува збор, за работите да се забрзаат и веќе да не се повторат“,
објаснува Кентера.

Во декември минатата година шефот на државата и министерката за одбрана објавија дека се усогласиле полковник Зоран Секуловски да биде воен претставник во НАТО. Цела година по неговата промоција, Секуловски се уште е во Скопје.

Поради доверливоста на процесот, нема официјална потврда дека причината за тоа е недобивање безбедносен сертификат од НАТО. И ако е така, кои се причините за тоа.

Ова е табло со сите армиски генерали во моментов. Од нив, Горанчо Котевски наскоро ќе замине во пензија. Дали и кој од другите нема да ги помине проверките на НАТО, јавноста можеби никогаш нема да дознае официјално, освен посредно преку евентуално нивно распоредување на позиции на кои не би имале допир со чувствителни информации. Можеби и затоа, антиципирајќи список на „неподобни“ за Брисел, претседателот Пендаровски неодамна промовираше двајца нови генерали – Симеон Трајковски и Бесник Емини.
Уште поинтригантно е дали сите што треба, од ова табло, ќе добијат НАТО-сертификат и што со оние што ќе останат без него.