Еднократната финансиска помош од 6 000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците, но за останатите потребен е нов законски рок, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Оттаму посочуваат дека по истекот на законски дадените рокови за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им беше исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка, со цел постоечките рокови да се заменат со нови подолги рокови.
„Со цел успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6 000 денари како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, банките максимално ги ставија на располагање своите ресурси и во согласност со Законот за финансиска поддршка (Сл. весник 290/20 од 07.12.2020) во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните. Во овој краток период успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош. Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека нашите членки – банките, како и досега, подготвени се со сите свои ресурси да излезат во пресрет на проектите од јавен интерес, а посебно на оние кои се наменети за социјално ранливи категории граѓани. Притоа, секогаш активностите мора да бидат во рамки на законските прописи. Во таа смисла, по истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им беше исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови. Како и досега банките при исплатата максимално ќе се заложат за заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги, особено на повозрасните граѓани.“,
се вели во соопштението.
Оваа мерка е дел од четвртиот пакет и опфаќа над 280 000 граѓани, кон кои се исплаќаат 27,5 милиони евра
Финансиската поддршка од 6 000 денари е наменета за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
