Министерот за здравство Венко Филипче денеска го посетил манастирот „Св. Јован Бигорски“, каде се сретнал и со епископот Партениј, по на социјалните мрежи ја потенцираше важноста претстојните празници да се поминат со почитување на мерките.
„На неформалната средба зборувавме и за претстојните празници и важноста дека истите треба да се слават под заштитни мерки и со почитување на здравствените протоколи – задолжително носење маска, хигиена на раце и одржување дистанца“,
вели Филипче.
И верските лидери апелираа на почитување на протоколите во пресрет на празниците. Пред три дена од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) препорачува претстојните празници да се прославуваат со одговорност кон јавното здравје, да се почитуваат епидемиолошките мерки и Божикните и Богојавленските празници да се прославуваат без нарушување на законските нормативи за јавни собири.
Тоа, потенцираа од МПЦ-ОА, подразбира верниците во храмовите да носат маски, да одржуваат пристојно меѓусебно растојание, а богојавленското осветување на водите во 2021 година да се одржи во кругот на храмовите.
„Запазувајќи ги овие мерки, како Црква ќе придонесеме за зачувување на општото здравје на нашиот народ, во овие тешки времиња кога целиот свет е исправен пред предизвикот да се избори против опасниот вирус“,
порачаа од МПЦ-ОА.
